Целосно опремена просторија за стоматолошки интервенции на деца со попреченост беше ставена во функција во ЈЗУ Универзитетски стоматолошки клинички центар „Св. Пантелејмон“ – Скопје, со цел да се унапредат условите за нивниот третман и да се овозможи побезбедна и поквалитетна здравствена грижа.

Како дел од донацијата обезбедена од Фондацијата д-р Верица Механџиска, на Универзитетскиот стоматолошки клинички центар му беа донирани стоматолошки стол, автоклав и рендген апарат, опрема која ќе придонесе за модернизирање на условите за работа и унапредување на квалитетот на стоматолошките услуги. Дополнително, компанијата Зегин донираше два болнички кревети со душеци, наменети за просторијата за будење од анестезија по извршен стоматолошки зафат.
Министерот за здравство, Сашо Клековски, посочи дека оваа донација од страна на Фондацијата д-р Верица Механџиска претставува значајна инвестиција во јавното здравство и вистински пример за општествена одговорност. Тој истакна дека соработката меѓу јавните здравствени установи, деловниот и граѓанскиот сектор придонесува за подобри здравствени услуги и поголема грижа за пациентите.

На настанот по повод отворањето и ставањето во функција на просторијата присуствуваше и Викторија Механџиска, претседателка на Управниот одбор на Фондацијата д-р Верица Механџиска и косопственичка на Зегин, која истакна: „Децата со попреченост и нивните семејства секојдневно се соочуваат со многу предизвици. Затоа веруваме дека нашата задача е да направиме барем еден дел од нивниот пат да биде полесен, побезбеден и поедноставен. Нашата донација придонесува да се создадат подобри услови, да се подобри динамиката и намали времето на чекање за стоматолошки зафат. Особено сме горди што со оваа иницијатива поддржуваме институција која има исклучително важна улога, бидејќи токму тука се обезбедува стоматолошки третман за деца со попреченост од целата држава.“
Со оваа донација се создаваат подобри услови не само за пациентите, туку и за здравствените работници кои секојдневно се грижат за нив. Новата опрема и унапредувањето на просторијата за будење од анестезија овозможуваат посоодветен процес на третман и постоперативно следење на најмладите пациенти.
Фондацијата д-р Верица Механџиска останува посветена на иницијативи насочени кон унапредување на квалитетот на живот на лицата со попреченост, подобрување на нивниот пристап до здравствени и други услуги и создавање еднакви можности за достоинствен и квалитетен живот.
