Русија ја обвини Естонија дека е „на работ да предизвика отворена војна“, тврдејќи дека таа „премолчено дозволува користење на својот воздушен простор од страна на украински беспилотни летала“ за напади врз Русија, како и дека упатува „набрзина изнесени обвинувања без никакви докази“ против Москва.
Естонија, како и другите балтички држави, во повеќе наврати ги отфрли тврдењата дека им дозволува на украинските беспилотни летала да изведуваат операции од нејзина територија.
Во острата изјава на руското Министерство за надворешни работи се наведува дека протестите на Естонија во врска со спречениот обид за подметнување пожар во фабрика од одбранбената индустрија во близина на Талин, како и одлуката за затворање на границата со Русија од 1 декември, „ја разоткриваат крајно русофобичната природа на естонскиот режим“.
„Талин очигледно не размислува сериозно за последиците од еден ваков потег. Затворањето на државната граница, пред сè, би ѝ задало уште еден удар на естонската економија, а последиците би ѝ се вратиле како бумеранг на самата Естонија, како и на нејзините сојузници во ЕУ и НАТО“, се вели во руското соопштение.
Русија ја нарече одлуката на Естонија „најнова антируска провокација“, тврдејќи дека таа „претставува продолжение на низата непријателски потези што балтичката држава ги презеде во последните години“.
Покрај тоа, Москва повторно ја обвини Естонија за наводни „репресивни мерки“ против жителите што зборуваат руски, што естонските власти во повеќе наврати го демантираа.
„На шефот на естонската дипломатска мисија му беше укажано дека ваквата неоправдана политика на поттикнување општо непријателство кон нашата земја ќе продолжи да ја дестабилизира ситуацијата во регионот и негативно да влијае врз животниот стандард на жителите на Естонија, како и врз ионака тешката економска состојба во таа балтичка држава“, се наведува во соопштението.
На крајот, руското Министерство за надворешни работи изјави дека „руската страна го задржува правото да преземе сеопфатни политички и дипломатски мерки насочени кон заштита на руските национални интереси и легитимните права на своите граѓани“.
Естонската влада одлучи да ја затвори границата на 20 ноември, по серија инциденти што ги поврза со руските безбедносни служби.
Еден од последните инциденти се случи на 14 ноември, кога беше извршен обид за подметнување пожар во просториите на „Threod Systems“, компанија што произведува беспилотни летала.
Естонските истражни органи приведоа осуммина летонски државјани осомничени за учество во обидот за саботажа.
