Албанскиот премиер Еди Рама смета дека прашањата поврзани со случајот „Монструм“, како и другите случаи што ги засегаат Албанците во Македонија, треба да ги решаваат надлежните институции во земјава.
Одговарајќи на новинарско прашање зошто досега не зборувал за овие случаи, на прес-конференцијата на граничниот премин Ќафасан, Рама нагласи дека Македонија е независна и суверена држава, а Албанците се државотворен народ во неа.
„Прашањата за кои вие зборувавте треба да бидат прашања што ќе ги третираат институциите во Северна Македонија“, рече Рама.
Тој посочи дека албанските политички партии во Македонија треба да ги покренуваат овие прашања и да дејствуваат преку институциите, додавајќи дека нема намера да води политичка кампања во земјава во корист на некоја од албанските партии.
Рама истакна дека е отворен за комуникација со албанските политичари, но нагласи дека постои граница што не треба да се премине кога станува збор за мешање во внатрешните работи на друга држава.
Осврнувајќи се на односите со македонските политичари, тој рече дека е пријател и со премиерот Христијан Мицкоски и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Според Рама, пријателските односи се дополнителна вредност во меѓудржавните релации, а оценките дека треба да биде пријател само со Мицкоски или само со Албанците во Македонија ги отфрли како неприфатливи.
