Македонска црковна делегација во посета кај рускиот патријарх Кирил

Од:

Рускиот патријарх Кирил се сретна со македонската црковна делегација, предводена од митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј, во чиј состав беше и епископот Хераклејски Климент. Средбата се одржа на 21 ноември во Патријаршиската и Синодална резиденција во Даниловиот манастир во Москва, за време на посетата на македонските архиереи по повод 80-тиот роденден на рускиот патријарх, објави Руската црква. .

Обраќајќи им се на гостите, Кирил ја истакнал словенската и духовната блискост меѓу двете цркви, но и фактот дека ова беше прва посета на македонски претставници во својство на делегати на Црква со призната автокефалност.

„Многу нешта нè поврзуваат, веќе затоа што сме Словени, припаѓаме на кирилометодиевската традиција и го разбираме јазикот едни на други. Многу сум радосен што сега имаме можност заедно да се молиме и да служиме богослужби“, рече Кирил.

Тој посебно нагласил дека средбата имаше историско значење.

„Нашата денешна средба е посебна: за првпат присуствувате како делегати на Македонската црква – помесна црква која доби законска автокефалија“, изјави рускиот патријарх.

Според соопштението на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, Кирил оцени дека односите меѓу Московската патријаршија и Македонската православна црква – Охридска архиепископија активно се развиваа. Како примери ги посочи македонските студенти кои се образуваа во духовните училишта на Руската православна црква, како и разговорите за реализација на заеднички проекти.

Митрополитот Георгиј истакна дека македонската делегација престојуваше во Москва како пратеник на архиепископот охридски и македонски Стефан, со задача да ги пренесе неговите честитки и желби по повод роденденот на Кирил.

„Дојдовме како пратеници испратени од неговото блаженство архиепископот Стефан, за да ги пренесеме неговите искрени и срдечни честитки, желби за здравје и сили за понатамошно извршување на првосветителската служба“, рече митрополитот Георгиј.

Во разговорот тој изрази благодарност за поддршката што Московската патријаршија ја даде во процесот на решавање на статусот на Македонската православна црква и доделувањето на автокефалноста од Српската православна црква.

Георгиј потсети и на можноста што пред дваесет години им беше овозможена на македонските студенти да се образуваат во духовните училишта во Русија. Посочи дека дел од нив денес се професори во семинариите и на Богословскиот факултет, како и во други значајни црковни институции во Македонија.

Македонската делегација му подари на Кирил икона на светите рамноапостолни Кирил и Климент Охридски.

Рускиот патријарх, пак, испрати подарок за архиепископот Стефан – комплет од две панагии и напрсен крст, додека на митрополитот Георгиј и епископот Климент им подари панагии.

Средбата беше дел од серијата билатерални разговори што Кирил ги одржа со претставници на помесните православни цркви за време на одбележувањето на неговиот 80-ти роденден во Москва.

Би можело да ве интересира

Архиепископот Стефан ја откажа посетата на Американско-канадската епархија поради здравствени причини

Мицкоски за изјавата на Вучиќ: Таквата комуникација прилега на минатиот век, МПЦ-ОА е столб на македонскиот идентитет

A1on

МПЦ му одговори на Вучиќ: Црквата во Скопје е МПЦ-ОА и е отворена за сите

Горан Наумовски

Велигденско послание на г.г. Стефан: Со нашата вера и со богоугодни дела да го озариме светот со велигденска радост

Епископот велички г. Никола нов администратор на Австралиско-новозеландската епархија, г. Петар разрешен по негово барање

Доделено црковно признание во знак на благодарност на Протореј-Ставрофор Спасе Стефановски

Горан Наумовски