Руски хеликоптер навлегол во финскиот воздушен простор по инцидент со руски брод во Балтичкото Море

Од:

Руски хеликоптер денеска навлегол околу четири километри во воздушниот простор на Финска, каде што се задржал приближно пет минути, соопштија финските власти, пренесува латвискиот портал „Делфи“.

Инцидентот се случил по пожарот на рускиот товарен брод „Спарта II“, кој по напад со беспилотни летала завршил во финските територијални води.

Претставници на Финската гранична стража, Финските одбранбени сили и спасувачките служби одржале заедничка прес-конференција, на која информирале за пожарот на бродот, подготовките за спасување и нарушувањето на воздушниот простор.

Аки-Маури Хухтинен, раководител за комуникации на Финските одбранбени сили, изјавил дека рускиот хеликоптер бил забележан во врска со влегувањето на запалениот брод во финските води.

„Ситуацијата беше забележана и беше реагирано“, изјавил Хухтинен, пренесува финскиот весник „Илта-Саномат“.

Хеликоптерот навлегол четири километри во финска територија

Командантот на поморската гранична стража за Финскиот Залив, Мико Симола, потврдил дека хеликоптерот навлегол четири километри во финскиот воздушен простор.

Финската гранична стража го истражува инцидентот.

Според податоците на финските власти, бродот „Спарта II“ бил погоден од беспилотни летала утрово, меѓу 8:40 и 8:50 часот, додека се наоѓал во меѓународни води, на околу 50 километри западно од рускиот остров Гогланд.

По инцидентот избувнал пожар на бродот, кој подоцна допливал во финските територијални води.

 

Реакции од Шведска: „Ситуацијата многу брзо може да стане исклучително комплицирана“

На случувањата во Финскиот Залив реагираа и шведски официјални претставници. Поранешниот шведски премиер Карл Билт предупреди на опасност од ескалација поради пожарот на рускиот брод и нарушувањето на финскиот воздушен простор.

„Ситуацијата многу брзо може да стане исклучително комплицирана“, напиша Билт на социјалната мрежа Икс.

Актуелниот шведски премиер Улф Кристерсон порача дека Шведска внимателно го следи развојот на настаните и дека е подготвена да помогне.

„Во близок контакт сум со мојот фински колега, премиерот Петери Орпо, и понудив помош од Шведска“, напиша Кристерсон.

Рускиот брод заврши во територијалните води на членка на НАТО

Рускиот товарен брод „Спарта II“ бил оштетен утрово во напад со два дрона додека пловел кон руската ексклава Калининград. По нападот избувнал пожар, а бродот потоа допливал во територијалните води на Финска, која е членка на НАТО.

Финска повторно вовела привремени ограничувања на воздушниот и поморскиот сообраќај во источниот дел на Финскиот Залив и ги информирала своите сојузници.

Финскиот премиер Петери Орпо изјавил дека „војната се прелева во нашите соседни подрачја“, додавајќи дека Украина има право да се брани од агресорот.

Гувернерот на руската Ленинградска област, Александар Дрозденко, потврдил дека бродот бил погоден од два дрона на околу три наутички милји од руската поморска граница. Тој соопштил дека започнала евакуација на екипажот, како и дека над регионот биле соборени вкупно 80 дронови.

Засега нема официјална потврда кој стои зад нападот врз бродот.

Бродот е поврзан со руското Министерство за одбрана

„Спарта II“ е во сопственост на руската компанија „Оборонлогистика“, која обезбедува логистички услуги за руското Министерство за одбрана, вклучително и транспорт на воена опрема и снабдување на руските сили на окупираниот Крим.

Според податоците на украинската воена разузнавачка служба, бродот во август 2022 година транспортирал системи за противвоздушна одбрана С-300 од Сирија во Русија за потребите на војната против Украина.

Поради своите активности, бродот се наоѓа под американски и украински санкции.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Американците објавија нови снимки од НЛО, забележани над Блискиот Исток

Зеленски му се закани на Путин: Кримскиот мост нема да опстане

САД ја притискаат Украина да постигне мировен договор со Русија до јануари: Киев стравува од големи отстапки

Предраг Петровиќ

Бизарни детали од животот на Епстин: Во Москва барал млади манекенки и очајнички се обидувал да стигне до Путин

Силен земјотрес го погоди Перу: Тресењето почувствувано и во главниот град

Предраг Петровиќ

Русија изврши масовен напад врз Киев и неколку украински региони, оштетени се три моста

Горан Наумовски