Професионалниот тенис влегува во нова финансиска ера, откако Асоцијацијата на тениски професионалци (АТП) одобри план со кој вкупниот годишен надомест за играчите би надминал 350 милиони долари од 2028 година.
Новата финансиска рамка била претставена во Торино, за време на завршниот турнир на сезоната, а предвидувала значително зголемување на минималните годишни заработки за тенисерите во највисокиот ранг.
Според планот, играчите меѓу најдобрите 100 на светот би имале загарантирана минимална заработка од 1,1 милион долари годишно. За тенисерите рангирани до 175. место минималниот износ би изнесувал 450.000 долари, додека оние до 250. место би можеле да заработат најмалку 250.000 долари.
Зголемувањето во споредба со 2025 година би изнесувало 39 проценти за првите 100 тенисери, 47 проценти за групата до 175. место и дури 67 проценти за играчите до 250. место.
Планот предвидува и централна инвестиција од повеќе од 100 милиони долари годишно. Во неа би биле вклучени бонус-фонд од 50 милиони долари, дополнителни 25 милиони долари за награди според пласманот на крајот од сезоната, како и 26 милиони долари наменети за пензиските фондови на играчите.
Кога ќе се додадат наградните фондови на турнирите и распределбата на нивната добивка, вкупната сума би надминала 350 милиони долари. Со вклучување на наградите од четирите гренслем-турнири, вкупниот износ би можел да надмине половина милијарда долари.
Претседателот на АТП, Андреа Гауденци, истакнал дека целта на промените била поголема финансиска сигурност за тенисерите, особено за оние кои се наоѓаат надвор од самиот врв и имаат високи трошоци за патувања, тренери, физиотерапија и подготовки.
Сепак, не сите предложени промени биле прифатени без реакции. Особено спорно остана прашањето за натпреварувањата во двојки, каде што се разгледувале предлози за намалување на бројот на учесници и наградните фондови. АТП ја одложи конечната одлука за ова прашање за дополнителни консултации.
Со новиот план, АТП се обидувала да создаде поодржлив финансиски модел во кој не само најголемите тениски ѕвезди, туку и поширок круг професионални играчи ќе имаат поголема финансиска сигурност.
