Русија била една од главните земји во кои Џефри Епстин регрутирал млади жени и девојки за својата мрежа на сексуална експлоатација, а во последната деценија од животот преку контакти со руски бизнисмени и влијателни личности се обидувал да го обнови својот углед и да дојде до рускиот претседател Владимир Путин. Ова го покажало истражувањето на агенцијата Ројтерс, чии новинари разговарале со повеќе од 20 лица запознаени со неговите врски со Русија и анализирале стотици страници документи на американското Министерство за правда, судски списи, електронска пошта и евиденции за летови.
Според истражувањето, најмалку 17 жени од поранешниот Советски Сојуз биле вовлечени во мрежата на сексуална експлоатација на Епстин. Дел од нив биле привлечени преку ветувања за успешна манекенска кариера и ангажмани во модната индустрија. Ројтерс, сепак, не пронашол докази дека Епстин работел за руските разузнавачки служби, дејствувал во име на руската влада или дека успеал да се сретне со Путин.
Значајна улога во регрутирањето имал францускиот моден агент Жан-Лук Брунел, кој по падот на Берлинскиот ѕид патувал низ Источна Европа и поранешните советски републики во потрага по нови манекенки. Поранешната манекенка Тајсија Хајсман раскажала дека во септември 1991 година, на забава во станот на Брунел во Париз, забележала девојче од Русија, кое изгледало како штотуку да влегло во тинејџерските години, како поголем дел од вечерта седи во скутот на Епстин.
Хајсман во 2019 година го пријавила Брунел, тврдејќи дека ја дрогирал и силувал една недела по таа забава. Брунел ги негирал обвинувањата, а во 2022 година бил пронајден мртов во затвор во Париз, пред обвинителите да донесат одлука дали ќе го обвинат. Неговата смрт, исто како и смртта на Епстин во 2019 година, била прогласена за самоубиство.
Брунел во 2003 година во Мајами основал модна агенција, која подоцна била преименувана во MC2. Според неговото сведочење пред француските истражители, Епстин гарантирал кредит од 300.000 долари за агенцијата. Два извора на Ројтерс изјавиле дека MC2 интензивно регрутирала манекенки во Русија и им обезбедувала документи за заминување во САД, додека Епстин им обезбедувал станови.
Една од жените, Светлана Пожидаева, го запознала Епстин во Париз во 2008 година, кога имала околу 23 години. Таа заминала во САД откако тој ѝ ветил дека ќе ѝ помогне да добие договор со модниот бренд „Викторија Сикрет“. Подоцна станала негова лична асистентка, а за Ројтерс раскажала дека нејзината главна задача била да го масира Епстин, кој редовно сексуално ја злоупотребувал.
Нејзината виза била спонзорирана од агенцијата MC2, станот ѝ го обезбедил Епстин, а таа немала ниту сопствена банкарска сметка. Трошоците што тој ги плаќал биле заведувани како нејзин долг. Пожидаева изјавила дека се плашела да избега бидејќи верувала дека Епстин преку своите политички контакти, вклучително и оние во Русија, би можел да ѝ наштети нејзе или на нејзиното семејство.
Епстин во Русија престојувал најмалку двапати. Во април 1998 година го посетил Саров, затворен град во кој Советскиот Сојуз развивал голем дел од својата нуклеарна програма. Посетата била организирана во рамки на патување предводено од тогашниот директор во „Мајкрософт“, Нејтан Мирволд.
Вториот пат во Русија отпатувал во ноември 2002 година, заедно со Гислејн Максвел и Брунел. Според два извора на Ројтерс, причината за посетата на Санкт Петербург била прилично необична. Дизајнерот на ентериер Алберто Пинто му препорачал на Епстин дел од неговата куќа на Менхетен да ја обои во боја слична на познатата виолетова соба во Александровската палата, па тој сакал лично да ја види.
За време на престојот во Москва, Епстин се дружел со чеченскиот бизнисмен Умар Џабраилов. По дружењето, побарал од возачот да го вози по улицата Тверска за да ги набљудува проститутките. Џабраилов во март оваа година бил пронајден мртов во својот стан во Москва, со прострелна рана во главата. Неговото име претходно се појавило во документите поврзани со Епстин, а руските државни медиуми објавиле дека полицијата се сомневала на самоубиство, што неговото семејство го оспорило.
По признавањето на вината во 2008 година во Флорида, по обвиненија поврзани со проституција, вклучително и наведување малолетничка, и отслужувањето 13 месеци затвор, Епстин сè повеќе ја гледал Русија како можност повторно да се приближи до светските финансиски и политички кругови. Тој одржувал комуникација со рускиот милијардер Владислав Доронин, преку поранешниот британски министер Питер Манделсон се обидувал да договори средба со милијардерот Олег Дерипаска, а во 2014 година се запознал и со Сергеј Бељаков, тогашен заменик-министер за економија на Русија.
Особено интересен бил обидот на Епстин да организира средба со Владимир Путин. Во електронска порака од еден член на неговиот персонал се наведувало дека за планираното патување во Русија во 2011 година неговиот телохранител Игор Зиновјев тврдел дека била договорена и средба со рускиот претседател. Патувањето, сепак, било откажано, а три лица кои го познавале Епстин изјавиле дека веруваат оти таква средба никогаш не била договорена. Лице кое ги познавало и Путин и Епстин било убедено дека двајцата никогаш не се сретнале.
Обидите на Епстин да воспостави влијание во Русија не резултирале со големи деловни договори или потврден пристап до рускиот претседател. Сепак, зад неговите контакти останала мрежа на жени од Русија и други поранешни советски републики кои биле изложени на сексуална експлоатација и кои и понатаму бараат правда. Како необичен детал од неговата опсесија со Русија, на фотографиите од неговата куќа на Менхетен може да се забележат ѕидови на главното скалило обоени во нијанса слична на виолетовата соба од палатата во близина на Санкт Петербург.
