За буџетот на Украина ќе бидат потребни 115 милијарди долари за покривање на потребите на земјата во текот на 2027 година, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски по конференцијата на „коалицијата на подготвените“.
– Утврдивме дека потребите на Украина изнесуваат 45 милијарди долари, но дека се потребни дополнителни 70 милијарди долари – со што вкупната сума достигнува 115 милијарди долари, рече Зеленски, одговарајќи на прашање во врска со финансиските потреби на Киев.
Тој објасни дека дополнителните трошоци од 70 милијарди долари произлегле по детални консултации со военото раководство на Украина, што довело до зголемување на проценката за потребните средства.
Според него, Украина добила позитивни сигнали во врска со две транши од по 45 милијарди долари. Сепак, Зеленски не прецизираше точни услови, временски рамки за исплата или извори на финансирање.
Со проценет буџетски дефицит од 37 милијарди долари и јавен долг што достигна 276 милијарди долари, Украина планира следната година да издвои 108,3 милијарди долари за финансирање на своите вооружени сили. Во септември, заменик-министерот за финансии на Украина, Роман Јермоличев, изјави дека, според пресметките на украинското Министерство за одбрана, за воени расходи би можеле да бидат потребни дури 175 милијарди долари.
Киев се обидува да го покрие својот буџетски дефицит со средства од странство. Сепак, на Западот, одлуките за нови пакети помош се носат дури по долги дебати, додека партнерите сè почесто ѝ укажуваат на Украина дека мора поактивно да бара извори за самофинансирање.
