Западниот Балкан добива сè поголемо значење во европските планови за диверзификација на снабдувањето со критични минерали
Минералните ресурси на Македонија и земјите од Западен Балкан добиваат сè поголемо стратешко значење за Европската Унија. Во новата публикација „Рударство за иднината на Европа: Критични суровини, ставови на јавноста и ризици кај партнерите во процесот на проширување“, Институтот за безбедносни студии на Европската Унија посочува дека земјите кандидатки и потенцијалните кандидатки располагаат со значајни минерални ресурси кои можат да придонесат за зајакнување на европската економска безбедност и стратешката автономија.
Во анализата се нагласува дека Западниот Балкан зазема особено чувствителна позиција во новиот геополитички и економски контекст на минералните суровини. Србија располага со значителни резерви на бакар, борати и литиум, додека Македонија и Босна и Херцеговина имаат важни наоѓалишта на боксит, алуминиум, кобалт, бакар, манган, никел и антимон. Албанија, пак, има дополнителни наоѓалишта на бакар, кобалт, фелдшпар и никел.
Според авторите, проширувањето на ЕУ може да придонесе за диверзификација на синџирите на снабдување преку поблиска интеграција на земјите партнери во европскиот индустриски екосистем.
Сепак, во публикацијата се истакнува дека самото ископување не е доволно за намалување на стратешките зависности. Потребно е паралелно да се развиваат локални синџири на вредност кои ќе вклучуваат преработка на минералните суровини, производство на напредни компоненти и рециклирање.
На тој начин, земјите кои располагаат со овие ресурси нема да бидат само добавувачи на суровини, туку ќе можат да остварат поголем економски придонес од сопствените минерални богатства.
За Македонија, ова претставува можност нејзиниот минерален потенцијал да добие поголема улога во европските економски и индустриски процеси.
Според публикацијата на Институтот поддржан од ЕУ, Унијата мора да покаже дека нејзиниот интерес за партнерите за проширување се протега подалеку од екстракцијата на нивните суровини – со воспоставување на робусни еколошки, социјални и стандарди за управување, зајакнување на владеењето на правото и реформите за управување и инвестирање во одржлив индустриски развој, таа може да ги унапреди и своите цели за економска безбедност и проширување.
Од друга страна, во студија насловена „Рударството во Западен Балкан“, објавена од организацијата ЕФБ (Европски фонд за Балканот), се потенцира дека геолошката структура на Македонија, обликувана од древни карпести системи и некогашни вулкански процеси, ја снабдува земјата со широка разновидност на минерални богатства – од метални руди до индустриски и неметални суровини.
За разлика од останатите земји од регионот, во извештајот пишува дека „во Косово и Северна Македонија, странските директни инвестиции во рударскиот сектор остануваат многу ограничени, на ниво под 2% од вкупниот прилив на странски директни инвестиции“. Инаку, во Македонија нов рудник не е отворен повеќе од четириесет години. Единствена актуелна инвестиција во ископ на критична суровина е проектот за бакар во Иловица. Зад оваа инвестиција стои мултинационалната компанија Трафигура и беше најавена како најголема гринфилд инвестиција во земјава, со почетна вредност од 350 милиони евра само во првата фаза, односно изградбата на комплексот.
Во студијата се додава дека иако рударската индустрија во Македонија традиционално е со слаб интензитет, зголемените истражувачки активности, особено оние насочени кон наоѓалишта на бакар и полиметални руди, ја зголемуваат веројатноста за нови откритија и за зголемени инвестиции од страна на рударските компании.
„Геолошката разновидност на земјата ѝ обезбедила широк спектар на минерални суровини, вклучувајќи основни метали, благородни метали, индустриски минерали и енергетски ресурси. Клучните критични суровини од листата на ЕУ, кои се присутни и во геолошкиот состав на Северна Македонија, ги вклучуваат бакарот, антимонот, арсенот, никелот, манганот и фелдспатот“, нагласуваат од ЕФБ.
Како што се додава, Македонија спроведува реформи на своите рударски и геолошки прописи, а овие реформи имаат за цел да ја зголемат транспарентноста, да ги зајакнат еколошките заштитни мерки и да го подобрат стратешкото планирање, осигурувајќи дека рударството поддржува одржлив економски раст, а воедно ги намалува еколошките и социјалните влијанија.
„Земјите од Западен Балкан кои се кандидати за членство – особено Србија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Црна Гора – се издвоија како стратешки важни локации за експлоатација на литиум, бакар и други минерални суровини. За ЕУ, рударството во овој регион претставува можност за зајакнување на отпорноста на синџирите на снабдување и за унапредување на стратешката автономија. За владите од Западен Балкан, пак, тоа ветува странски инвестиции, фискални приходи и поблиска економска интеграција со ЕУ“, се истакнува во извештајот.
Според ЕФБ, како што Европската унија ги забрзува своите зелени и дигитални транзиции, така и побарувачката за критични суровини нагло се зголемува.
