Американските воздухопловни власти истражуваат инцидент што се случи минатиот викенд над Лос Анџелес, кога два патнички авиони опасно се приближиле непосредно по полетувањето од меѓународниот аеродром ЛАКС. Настанот се случи на 7 ноември, околу 00:20 часот по локално време, објави Си-Би-Ес Њуз.
Според информациите на Федералната управа за цивилно воздухопловство (ФАА), авионот на „Ер Франс“ на летот 28 кон Тахити направил „неодобрено свртување“ веднаш по полетувањето. Поради тоа, се нашол на патеката на друг авион – летот 1660 на „Американ ерлајнс“ кон Далас, кој истовремено полетал од паралелната писта.
Аудиоснимките од комуникацијата со контролата на летање покажуваат дека контролорите итно реагирале за да спречат судир. На пилотите на „Ер Франс“ им било наредено нагло да свртат надесно и да се вратат на зададената рута. Истовремено, екипажот на авионот на „Американ ерлајнс“ добил инструкција да ја намали висината.
Откако опасноста поминала, контролорите повеќепати ги прашувале пилотите на „Ер Франс“ зошто отстапиле од предвидената патека, но ниту по речиси 20 минути комуникација не добиле јасен одговор.
„Ми треба одговор. Каква инструкција за полетување добивте од контролната кула?“, се слуша прашањето на контролорот упатено до францускиот екипаж на аудиоснимката.
Контролата на летање го класифицира настанот како „можно отстапување на пилотот“.
Авиокомпаниите „Ер Франс“ и „Американ ерлајнс“ засега не го коментираа инцидентот.
