Три лица загинаа, а две се повредени откако новинарски хеликоптер се урна во предградие на Лос Анџелес, пренесува Би-би-си.
Хеликоптерот се урнал додека новинарската екипа известувала од местото за друга тешка сообраќајна несреќа што претходно се случила во областа Чатсворт.
Леталото било во сопственост на телевизијата Ен-би-си Лос Анџелес, а работело и за Телемундо 52.
BREAKING: TV news helicopter crashes during live shot of bus crash in Los Angeles.
The helicopter belongs to NBC Los Angeles (KNBC-TV). No word yet on casualties. pic.twitter.com/kXwgr5meOP
— BNO News (@BNONews) September 16, 2026
Според противпожарната служба на Лос Анџелес, хеликоптерот паднал меѓу две комерцијални згради, по што избувнал пожар што зафатил четири возила и два контејнери за складирање.
На местото на несреќата биле испратени повеќе од 70 пожарникари.
Полицијата засега не соопшти колку лица се наоѓале во хеликоптерот во моментот на падот, а не е објавен ниту идентитетот на загинатите.
Хеликоптерот бил еден од неколкуте новинарски летала кои известувале за сообраќајната несреќа во Чатсворт.
За време на известувањето во живо, водителката на вестите Колин Вилијамс потврди дека се урнал хеликоптерот на локалната новинска станица.
„Знаевме дека сме го изгубиле контактот со нашите луѓе таму и штотуку добивме потврда“, рече таа.
Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, на Икс напиша дека е „апсолутно скршена“ од загубата на животи во Чатсворт.
Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, изрази сочувство до жртвите и нивните семејства, како и до целото семејство на Ен-би-си.
Истрагата за падот на хеликоптерот ќе ја води Националниот одбор за безбедност во сообраќајот (НТСБ).
