Димов: Дезинформациите ја загрозуваат иднината на македонското рударство, стравот не смее да биде посилен од знаењето

Од:

Македонското рударство се соочува со сериозни предизвици, а актуелните статистички показатели укажуваат на потребата од нов пристап кон развојот на оваа индустриска гранка. Иако индустриското производство во септември 2026 година бележи раст од 2,4% во однос на истиот месец минатата година, позитивниот тренд главно се должи на преработувачката индустрија. Рударството, напротив, продолжува да бележи пад.

Според податоците на Државниот завод за статистика, индустриското производство во секторот „Рударство и вадење камен“ во септември 2026 година е намалено за 7,7% во споредба со септември 2025 година. Уште понегативен резултат е забележан во август, кога падот изнесувал 10,1%.

Геологот Ѓорѓи Димов, декан на Факултетот за природни и технички науки во Штип, смета дека рударството и геологијата имаат суштинско значење за економскиот развој и иднината на државата. Тој посочува дека рударството е една од индустриските основи врз кои се градела македонската економија.

Според експертите, развојот на одржливо рударство е неопходен за Македонија да се усогласи со современите европски трендови и да го искористи потенцијалот на своите минерални ресурси. Во таа насока, знаењето, стручната анализа и одговорниот пристап треба да имаат предност пред дезинформациите и неоснованите стравови.

„Денес рударството останува значаен дел од македонската економија. Само во 2024 и 2025 година извоз на концентрати на олово, цинк и бакар достигнува неколку стотина милиони долари. Тоа се конкретни бројки кои потврдуваат дека рударството не е само наше индустриско наследство, туку и реална економска состојба“, истакна Димов на годишното стручно советување во организација на Здружението на рударски и геолошки инженери на Македонија.

Во излагањето тој додаде дека денес се соочуваме со еден голем парадокс – светот бара зелена транзиција, обновлива енергија, електрични возила, нови технологии, а истовремено се погласни се барањата коишто се насочени кон ограничувања на рударството.

„Мора јасно и гласно да кажеме дека не постои зелена транзиција без минерални суровини, ниту минерални суровини без рударство. Сепак, тоа не ни дава право да ја занемариме животната средина. Напротив, обврската е да сме уште поодговорни кон неа. Денес рударството можеби може да ја добие најважната битка во својата историја, а тоа е битката за довербата кај граѓаните. Таа битка нема да ја добиеме со декларации и празни ветувања, ниту со конфронтации со оние коишто се против рударството. Ќе ја добиеме со знаење, со нови технологии, транспарентност и конкретни резултати, појасни универзитетскиот професор.

Димов оцени дека дезинформациите ја загрозуваат иднината на рударството.

„Рударството коешто создава економска вредност ја почитува природата и ја има довербата на граѓаните. Ако во минатото рударството ја градеше индустриската Македонија, денес наша обврска е преку одржливо рударство да ја градиме иднината на Македонија. Да не дозволиме стравот да биде посилен од знаењето, ниту неодговорноста да биде посилна од напредокот. Да покажеме дека Македонија има знаење, има ресурси и пред има луѓе кои можат да создадат современо, одговорно и одржливо рударство“, заклучи Димов.

Последен проект кој наиде на обвинувања од страна на дел од активисти, но и политичари, беше инвестицијата во рудникот за бакар во Иловица. Инвестицијата е единствена активна во македонското рударство во моментов и беше најавено дека ќе ги употребува најсовремените технологии. Од ова наоѓалиште годишно би се произведувале околу 16 илјади тони бакар, што значително ќе влијае на македонскиот извоз. Самата инвестиција би тежела 350 милиони евра. Дополнително, инвеститорот информираше дека проектот ќе придонесе за економијата и со 500 директни вработувања и над две илјади индиректни вработувања. Од друга страна, голем број на инвестиции во рударството во минатото не се реализираа, а нов рудник во Македонија се нема отворено повеќе од четириесет години.

Би можело да ве интересира

Нови закони за рударство и геологија треба да го приближат македонскиот сектор до европските политики за критични суровини

Трафигура, мнозински сопственик во проектот за рудникот „Иловица–Штука“, инвестира над една милијарда долари во американски рафинерии

Рударството добива централно место во регионот, Македонија да не стои настрана – експертите го потврдија недостигот на бакар

Светот се подготвува за недостиг на бакар, Македонија сè уште не го активира потенцијалот на Иловица

Шпанија вложува 197 милиони евра во геолошки истражувања, минералните ресурси стануваат стратешки приоритет

ЕУ најавува трет повик за стратешки рударски проекти до крајот на 2026 година

А1он