Рударството добива централно место во регионот, Македонија да не стои настрана – експертите го потврдија недостигот на бакар

Од:

„Потребен е рударски сектор кој ќе биде партнер на европската иднина“, порача претседателот на Здружението на рударски и геолошки инженери на Македонија, Горан Сарафимов, на последното научно советување.

Тој истакна дека живееме во време на брзи технолошки промени, енергетска транзиција и зголемена потреба од минерални суровини, поради што рударството денес не може да се гледа само како индустрија за ископување руда и метали.

„Современото рударство претставува висока технолошка дејност, која применува автоматизација, дигитализација, вештачка интелигенција, далечинско управување со опрема, беспилотни летала за геолошки истражувања и напредни системи за мониторинг на животната средина. Во светски рамки бакарот, литиумот, никелот, манганот, кобалтот и ретките земни метали стануваат клучни суровини без коишто не може да се направи зелена транзиција и да има развој на нови технологии. Европската Унија вложува сериозни напори за обезбедување на сигурни извори на критични минерални суровини, а Западниот Балкан сè повеќе се препознава како регион од стратешко значење за европските синџири на снабдување“, изјави Сарафимов.

Тој додаде дека нашите соседи веќе интензивно вложуваат во развој на рударскиот сектор. Односно, дека во Србија се реализираат повеќе милијарди на инвестиции во производство на бакар и развој на современи рударски технологии, а во Грција се развиваат стратешки проекти поврзани особено со бакарот, галиумот и други критични минерални суровини кои имаат големо значење за развој на одржливото рударство и за европската индустрија.

„Ова ни дава насока дека рударството повторно добива централно место во економскиот развој на регионот. Македонија не смее да остане настрана од овие процеси. Нашата земја располага со значителни минерални суровини, долгогодична рударска традиција и квалитетен стручен кадар. Она што ни е потребно е поголема соработка помеѓу институциите, универзитетите и индустријата, како и јасна стратегија за одржлив развој во секторот на рударството“, вели инженерот.

Сарафимов потсети дека економскиот развој и заштитата на животната средина во никој случај не се спротивставени цели, а модерното рударство означува одговорно управување со природните ресурси, рекултивација на земјиштето, рационално користење на водите и примена на најдобрите достапни техники за заштита на животната средина.

Според заменик министерката за животна средина, Ане Лашкоска, државата мора да креира политики кои ќе обезбедат економски напредок на државата, меѓутоа и истовремено да гарантираат заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.

„Многу важен е мониторингот и инспекцискиот надзор, којшто во споледно време е зајакнат, а она што можат да го ветам е дека ќе биде уште позајакнат и почест во наредниот период. Проценката врз влијанието на животната средина потребно е да ја земе предвид рамнотежата којашто постои помеѓу економскиот аспект, социјалниот аспект и животната средина. На сите ни е јасно дека еден рударски проект е значаен за економскиот развој на државата. Значајни се инвестициите, меѓутоа инвестиции коишто мора да ги исполнуваат обврските што ги имаат за заштитата на животната средина“, истакна Лашкоска.

Таа додаде дека рударството носи економски и технолошки развој и дилемата „рударство или животна средина“ не е исклучувачка, односно дека рударството може да кохабитира онаму со природата преку најдобрите достапни техники.

На конференција се обрати и директорот на српскиот Институт за рударство и металургија Бор, Миле Бугарин. Според него, помеѓу рударството и животната средина нема избор за едното да го има, а другото не.

„Иднината на рударството во Србија и општо во регионот не во изборот на рударското производство, туку во изборот на технологиите кои ги решаваат еколошките предизвици… Кога зборуваме за критичните минерални суровини, вие знаете дека светот глобално води војна за суровини. Денес во светот, според податоците за 2025 година, се произведуваат околу 23 милиони тони бакар од концентрати и сигурни суровини од околу пет милиони тони. Светот до 2050 година ќе има потреби од 20 милиони тони заради развојот на електрификацијата. Кога зборуваме за вакви ситуации, ние мора да знаеме дека процесот на производство мора да го има“, потенцира Бугарин.

Стратегијата за минерални суровини 2026-2046 на која работеше МАНУ, потврдува дека Македонија има капацитети на бакар. Сепак, тие не се искористуваат. Таков е примерот со инвестицијата за рудник за бакар во Иловица- Штука. Инвеститорот „Еуромакс ресоурцес“, кој котира на берзата во Торонто, уште одамна објави дека, според геолошките истражувања, утврдени се 237 милиони тони ресурси и резерви од 225 милиони тони руда во кои проценети се околу 410 илјади тони бакар. Од овие количини, истражувањата потврдуваат искористувања од 84 отсто за бакарот. Рудникот се предвидува да има експлоатација од 10 милиони тони руда годишно, а просечното годишно производство е проектирано на над 10 илјади тони бакар. Според количините на руда што ги поседува, проектот се предвидува да биде активен околу 23 години. Покрај во Иловица, присуство на бакар беше утврдено и во други наоѓалишта, како во Казандол и Кожуф, но таму инвестициите не се остварија.

Би можело да ве интересира

ЕУ најавува трет повик за стратешки рударски проекти до крајот на 2026 година

А1он

Недостигот на бакар се очекува да се продлабочи од 2027 година – новите наоѓалишта стануваат сè поважни

Европа инвестира во критични суровини, а Македонија треба да одлучи како ќе го искористи својот бакарен потенцијал

Критичните минерали отвораат нови можности за Македонија, но рударството се соочува со пад на производството и вработеноста

Активисти бараат Иловица да се избрише од Просторниот план, експертите со појаснување дека планот не значи отворање рудник

Европа бара поголема независност во снабдувањето со бакар, „Иловица–Штука“ како развоен потенцијал