Со транспаренти и пораки „Нема да нè снема“, „Ниту една повеќе“ и „Не бараме сочувство, бараме одговорност“, граѓани и активистки денеска маршираа низ центарот на Скопје на протест против фемицидите и насилството врз жените.
Протестот, организиран од неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“, беше поттикнат од смртта на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци, која претходно пријавувала насилство и закани по живот, но не добила заштита.
Билјана на 3 ноември беше пронајдена мртва во опожарен автомобил кај местото „Ичева чешма“ во Богданци, а телото на нејзиното 21-годишно момче беше пронајдено покрај возилото. На трагедијата ѝ претходеле физички напад, смртни закани и пријава од таткото на девојката. Против момчето беше поднесена кривична пријава, а подоцна му беа изречени и мерки за претпазливост.
Маршот започна во паркот „Жена-борец“, од каде учесниците со голем транспарент „Нема да нè снема“ се упатија покрај Собранието и Министерството за правда кон Министерството за образование и наука. Пред Министерството за правда демонстрантите ја исвиркаа зградата и извикуваа пораки против институционалното непостапување.
Една од учесничките, Елена Петрова, порача дека смртта на Билјана не смее да се третира како изолиран случај, туку како последица на системски пропусти во заштитата на жените кои пријавуваат насилство.
Таа посочи дека девојката претходно барала помош, а институциите не успеале да ја заштитат, и побара конкретна одговорност за пропустите. Според неа, убиствата на жените не се изолирани инциденти, туку последица на подлабок системски проблем.
На протестот беше потсетено и на убиството на Росица, за кое граѓаните протестираа минатата година. Учесничките оценија дека и покрај изминатото време, институционалните пропусти и барањата за одговорност остануваат исти.
Говорничките предупредија дека насилството врз жените не смее да се оправдува како љубомора, семејна расправија или момент на неконтролирано однесување, туку мора да се препознае како поширок општествен и системски проблем.
Петрова направи паралела и со трагедијата во Кочани, нагласувајќи дека станува збор за различни случаи, но дека во двата се отвора прашањето за одговорноста на институциите кои имале обврска да спречат трагични последици.
Организаторите упатија четири барања до институциите: утврдување одговорност за пропустите пред смртта на Билјана, итно усвојување на законските измени за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, враќање на поимите род и родова еднаквост во законите, програмите и образованието, како и разрешување на функционерите кои го оправдуваат насилството или повикуваат на контрола врз жените.
Петрова посочи дека барањата не се нови и дека активистките со години инсистираат на санкционирање на институционалните пропусти и подобра законска заштита.
Демонстрантите ја оспорија и оценката дека институциите направиле доволно доколку формално ги спровеле предвидените процедури, посочувајќи дека Билјана претходно пријавувала насилство и имала судска забрана. Според нив, формалните мерки не значат ништо доколку не обезбедат вистинска и навремена заштита.
На протестот се обрати и жителка на Богданци, која рече дека се срами што е жителка на градот и ги обвини наставниците на Билјана дека знаеле низ што поминува девојчето, но не реагирале. Таа посочи дека Билјана со недели не одела на училиште и дека никој не ја истражил причината за нејзиното отсуство.
Учесничките потсетија и на други жени и девојчиња кои ги загубиле животите, нагласувајќи дека секое ново убиство повторно го отвора прашањето зошто пријавите и предупредувањата не резултираат со навремена заштита.
Една од говорничките наведе дека во 2026 година биле убиени седум жени, потсетувајќи и на претходните случаи на Рамајана, Данче, Росица, Јамка, Марија, Ира, Ивана, шестгодишната Катја и Ања.
Демонстрантите побараа институциите да престанат да се повикуваат само на спроведените процедури и да одговорат дали преземените мерки навистина ги заштитиле жените кои побарале помош.
