Заменик-генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Бране Петрушевски, го обвини лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека денес ја напаѓа Владата и шири паника во јавноста околу состојбата со банките, а молчел во 2019 година, кога, според него, од Венецуела во Македонија биле префрлени 110 милиони евра во фирми блиски до семејството Заеви.
„Филипче и СДС вака гласни не беа кога од Венецуела се слеваа 110 милиони евра во Еуростандард“, изјави Петрушевски.
Тој потсети дека трансферите се случиле во времето на владата предводена од Зоран Заев, кога, како што тврди, Венецуела била под меѓународни санкции.
Според Петрушевски, истражувачки новинари тогаш откриле дека 110 милиони евра биле само прва транша од планирани 1,6 милијарди евра. Парите, според неговите тврдења, биле префрлани преку нерезидентни сметки на фирми отворени во Скопје, чии вистински сопственици биле латиноамерикански државјани, а дел од средствата поминувале и преку руски банки.
Петрушевски ги обвини Филипче и Заев за поврзаност со криминал и корупција, а актуелните критики на СДСМ ги оцени како обид да се создаде паника кај граѓаните и да се овозможи банка да преземе бизнисмен близок до поранешниот премиер.
„Тие имаат за цел да уништат банка, да шират паника дека ќе им пропаднат парите на клиентите и да дојде бизнисмен близок до Заев да ја преземе банката. Тие гледаат само корист“, рече Петрушевски.
Тој порача дека додека Христијан Мицкоски е премиер, нема да дозволи да пропадне банка и дека граѓаните ќе бидат заштитени.
