Портпаролот на СНСД, Радован Ковачевиќ, порача дека оваа партија и ХДЗ БиХ остануваат на договорот дека нема да влегуваат во власта едни без други. Приоритет е, како што вели, формирањето на власта во Република Српска, по што ќе следуваат разговори на ниво на БиХ.
Ковачевиќ, како што пренесува Срна, изјави дека е познато кои партии победиле на изборите и кои, според неговите зборови, можат да бидат дел од идната власт.
„Тоа е јасно. Го чекаме конституирањето на Претседателството на БиХ, по што многу брзо ќе формираме сè на ниво на Република Српска, што е наш приоритет, а потоа следува продолжување на разговорите на ниво на БиХ“, рече Ковачевиќ.
Говорејќи за односите со ХДЗ БиХ, тој нагласи дека соработката меѓу двете партии останува стабилна и дека претходно јасно го дефинирале заедничкиот став за влез во власта.
„Рековме дека нема да влегуваме во власта едни без други, бидејќи го носиме легитимитетот на српскиот, односно хрватскиот конститутивен народ“, изјави Ковачевиќ.
Тој додаде дека во СНСД се информирани за разговорите што претставниците на ХДЗ БиХ ги воделе со СДА и СДП.
„Од ХДЗ разговарале и со СДА и со СДП и нè информираа за тоа. Ќе продолжиме со разговорите“, наведе портпаролот на СНСД.
Формирањето на власта на државно ниво ќе зависи од договорот меѓу партиите што ќе го сочинуваат парламентарното мнозинство, а според актуелните најави, преговорите би можеле да бидат долготрајни и неизвесни.
