Левица: ДПМНЕ и СДСМ беседат само за ЕУ, а извештајот на ЕК ги потврдува критиките на Левица за корумпираните политики

Од:

Најновиот извештај на Европската комисија за Северна Македонија го потврдува она на што Левица со години предупредува за последиците од политиките на ДПМНЕ и СДСМ, оценуваат од партијата.

Од Левица велат дека Европската комисија повторно констатира нула напредок во борбата против корупцијата, додека предметите за висока корупција се одолговлекуваат, застаруваат и завршуваат без ефективна одговорност.

„Оценката е особено поразителна за политичките гарнитури на ДПМНЕ и СДСМ, кои со години ја претставуваат европската интеграција како своја главна политичка определба, а зад себе оставаат пустош и поразителни резултати“, се наведува во соопштението.

Според Левица, извештајот ги потврдува и нивните претходни предупредувања за последиците од измените на Кривичниот законик во 2023 година, донесени од СДСМ со кворум обезбеден од ДПМНЕ. Од партијата посочуваат дека Европската комисија оценила оти интервенциите на ДПМНЕ од јануари 2026 година не ги отстраниле последиците од претходните измени, туку дополнително придонеле за правна несигурност.

Левица тврди дека во тој период поднесувала амандмани со цел да се поништат измените од 2023 година, но дека ДПМНЕ не ги прифатила, поради што, како што наведуваат, одредени дејства и високопрофилни лица останале надвор од казнените рамки.

Од партијата го посочуваат и случајот со Цвета Ристовска во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), за кој велат дека го отворија во јавноста. Според Левица, извештајот на Европската комисија укажува и на недоволна проактивност на Антикорупциската комисија во откривањето корупција.

„Потсетуваме дека ДКСК прво тврдеше дека Левица шири лаги, за потоа да се испостави дека нашите информации и тврдења се точни, па Цвета со намера да избегне одговорност си даде оставка од функцијата“, наведуваат од партијата.

Оттаму додаваат дека поднеле и кривична пријава против Ристовска, за која сè уште немаат исход. Според нив, ДКСК досега не ги затворила ниту донела одлуки по отворените предмети против неа за судир на интереси.

Левица оценува дека извештајот ја открива противречноста во, како што велат, декларативниот европеизам на ДПМНЕ и СДСМ. Според партијата, партиите кои со децении ја истакнуваат европската интеграција како главна политичка определба сносат голема одговорност за актуелната состојба.

„Европските стандарди не можат да се сведат на дипломатски изјави и протоколарни средби, додека домашните институции тонат во корупција, неисполнети препораки и предмети што завршуваат без одговорност“, се наведува во соопштението.

Од Левица порачуваат дека извештајот треба да биде повод за суштинско преиспитување на начинот на управување со државата.

„Доста ни е од политички гарнитури што ја користат Европа како декларативен параван за практики кои се во директна спротивност со тие стандарди“, порачуваат од партијата.

Би можело да ве интересира

ДУИ: Еден од најнегативните извештаи на Европската комисија – политиките на Владата ја враќаат земјата назад

Евроамбасадорот Рокас ќе му го врачи извештајот на Европската комисија на премиерот Мицкоски

Левица: Фемицидот во Богданци е уште еден доказ дека полицијата не ги штити жените кои пријавуваат насилство

Филипче за Извештајот на ЕК: Сè е полошо

Горан Наумовски

Нема напредок со уставните измени, распространета коруција и мешање во судството – Извештај на ЕК за Македонија

Катерина Ѓуровски

Левица: ДПМНЕ не може да ги натера сопствените кадри да соработуваат, па го укинува законот за координација на тајните служби