Северна Македонија не бележи напредок во борбата против корупцијата, која и натаму е распространета и претставува сериозна причина за загриженост, а нема поместување ниту во однос на уставните измени потребни за продолжување на преговорите со Европската Унија. Ова се дел од клучните забелешки во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава.
Во делот за евроинтеграциите, Европската комисија нотира дека Македонија продолжила да работи на комплетирање на документите потребни за исполнување на критериумите за отворање на Кластерот 1 – „Основи на процесот на пристапување“, но не постигнала напредок во усвојувањето на уставните измени предвидени со заклучоците на Советот на ЕУ од 2022 година.
Тоа значи дека клучниот услов за продолжување на пристапниот процес и натаму останува неисполнет.
Европската комисија повторно потсетува дека постојните билатерални договори со соседните земји треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни. Во извештајот посебно се посочуваат Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Се нотира и одбивањето на некои функционери да го користат уставното име на државата.
Една од најсериозните забелешки во извештајот се однесува на борбата против корупцијата. Европската комисија оценува дека земјава е меѓу одредено и умерено ниво на подготовка, но не постигнала напредок во превенцијата и борбата против корупцијата.
„Корупцијата и понатаму е распространета и претставува прашање од сериозна загриженост“, се наведува во извештајот.
Посебно се издвојуваат измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година, кои се однесуваат на кривичните дела злоупотреба на службената положба и криминално здружување. Според Европската комисија, тие не ги решаваат соодветно штетните последици од измените направени во 2023 година, туку придонесуваат за правна несигурност.
Критики има и за работата на институциите задолжени за спречување и гонење на корупцијата. Државната комисија за спречување на корупцијата треба да ја засили проактивната идентификација на потенцијални случаи на неправилности.
Особено загрижува оценката дека случаите на корупција на високо ниво и понатаму се соочуваат со одложувања, а често и застаруваат.
„Ова придонесува за перцепцијата на неказнивост“, се посочува во документот.
Во областа на правосудството и основните права, земјава има умерено ниво на подготвеност за примена на европското законодавство и стандарди, но вкупниот напредок е оценет како ограничен.
Како позитивен чекор се наведува развојот на Патоказот за владеење на правото, со кој се утврдуваат обврските за следните години во однос на усогласувањето со правото на ЕУ и зајакнувањето на институционалните капацитети.
Во реформата на јавната администрација, Македонија е оценета како умерено подготвена. Напредок е забележан во проширувањето на електронските услуги и надградувањето на системот за електронско управување со документи.
Европската комисија оценува дека владината коалиција останува стабилна, а напредок е постигнат и во реформите на локалната самоуправа, иако сè уште се очекува усвојување на клучната законска регулатива.
Усогласеност со надворешната политика на ЕУ
Како позитивен аспект се издвојува целосната усогласеност на Северна Македонија со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и во однос на руската воена агресија врз Украина.
Според Комисијата, со тоа земјава испраќа јасен сигнал за стратешката определба за членство во Унијата и се покажува како доверлив партнер.
Македонија продолжила да ги спроведува и обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Во април годинава се одржал и состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација, првпат по 2021 година.
Извештајот покажува дека, и покрај активното учество во Планот за раст за Западен Балкан и одреден напредок во поединечни реформски области, земјава и натаму се соочува со сериозни слабости во владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата. Истовремено, нерешеното прашање со уставните измени останува непосредна пречка за продолжување на преговорите за членство во Европската Унија.
