Полскиот премиер Доналд Туск денеска изјави дека компромис со политичките противници во врска со Уставниот суд не е можен, нагласувајќи дека „викањето, лагите и тепачките не можат да бидат извор на правото во Полска“.
Во своето обраќање до нацијата, Туск ги осуди вчерашните инциденти пред зградата на Уставниот суд, наведувајќи дека „биле нападнати легално избрани членови на Уставниот суд“, додека полицијата ја обезбедувала зградата од напаѓачите, пренесува Polsatnews.
„Би сакал никогаш повеќе да не гледаме слични сцени во Полска“, рече Туск, истакнувајќи дека мирот не може да се зачува преку попуштање пред беззаконието и насилството.
Тој оцени дека една демократска држава мора да биде силна и способна да спроведува правда, додавајќи дека е тешко да се разберат конфликтите меѓу политичарите и активистите од опозициските партии „Право и правда“ (PiS) и „Конфедерација“.
Туск ја спореди ситуацијата со кражба на чанта од постара жена, велејќи дека би било бесмислено да се бара компромис меѓу жртвата и крадецот преку делење на украдениот плен.
„Викањето, лажењето и тепачките не можат и нема да бидат извор на правото во Полска“, изјави полскиот премиер.
Тој нагласи дека демократијата е „најдобриот, но и најтешкиот систем за одржување што човештвото го измислило“, додавајќи дека владеењето на правото се разликува од „законот на џунглата“ по тоа што правото не се одредува според физичката сила или дрскоста.
„Во земја каде што владее правото, судијата – дури и ако станува збор за ситна жена – нема да попушти пред агресивен насилник“, рече Туск, осврнувајќи се на синоќешните инциденти пред Уставниот суд.
Туск обвини одредени полски организации и политичари дека сакаат да ги уништат демократијата и владеењето на правото, додавајќи дека во овој конфликт тие имаат поддршка од проруски сили, како и од „армија руски ботови на интернет“.
„Сигурен сум дека Уставниот суд ќе почне да работи како што треба – независно, автономно и во согласност со Уставот“, рече Туск, додавајќи дека задача на извршната власт е да обезбеди сигурност и услови за неговата работа.
