ВИДЕО: Дуел на Мицкоски и Филипче на пратенички прашања

Од:

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната собраниска седница за пратенички прашања упати остри критики до премиерот Христијан Мицкоски за начинот на практикување на власта, пропагандните кампањи, дискредитациите и навредите кон граѓаните. Тој отвори прашања и за наводните финансиски текови од Србија, врските со српскиот претседател Александар Вучиќ, унгарскиот кредит и сомнежите за трансфер на дрога преку границата.

Мицкоски ги отфрли обвинувањата и порача дека обидите на опозицијата да ги поврзе политичките случувања во Србија со него и со Владата се засноваат на лаги и политички конструкции. За унгарскиот кредит рече дека по шест месеци од најавите на СДСМ за наводни скандали, нема ниту „К“ од криминал, а како доказ за соодветното користење на средствата го посочи извештајот на Државниот завод за ревизија.

„Сакам да кажам почитуван премиер, ама не можам. Ја почитувам функцијата, меѓутоа премиере, не и тебе лично, најмногу поради тоа што на тој начин ја практикуваш власта. Користиш разноразни пропагандни механизми, лажни кампањи, оцрнувања, дискредитации“, рече Филипче.

Тој нагласи дека премиерот повеќе од две години избегнува да даде конкретни одговори на прашањата од опозицијата, а наместо отчетност, како што рече, користи навреди и дефокусирање.

„Не одговараш на ниту едно прашање така како што го поставуваме и на ниту едно прашање конкретно не си одговорил изминативе повеќе од две години. Јас ќе се обидам сега, ќе поставам едно прашање кое што е многу важно. Искрено се надевам дека нема да слушаме дел повторно од твојот фолклор, затвори, решетки, лисици, талог, медиокритет и така натаму. Зграда во Дубаи и Харис Џиновиќ“, истакна Филипче.

Претседателот на СДСМ оцени дека системот на политичка поддршка од Унгарија и Србија се губи со падот на Вучиќ и дека Мицкоски ќе мора да одговара на прашања и надвор од собраниската сала.

„Јас знам дека тебе сега не ти е лесно, го нема и вториот ментор. Тој систем на поддршка од Србија полека се губи и ќе останеш сам. Се поставува прашањето што ќе правиш? Веројатно ќе треба да одговараш на прашања не само тука, меѓутоа и на некои други места“, порача Филипче.

Тој ги отвори и прашањата за финансиските текови, посочувајќи ги унгарските и кинеските пари, Алта банка и информациите за можни трансфери на средства од Србија во Македонија.

„Па ќе се отворат прашања за кинеските пари од Унгарија, за Алта банка, за тоа дали има навистина, како што сè повеќе имаме информации, трансфер на пари од Србија тука. Некои документи видов пред неколку дена. Ако е тоа стварно така, мене ми е вака човечки жал за тебе, да ти кажам право, не политички, ама патот сам си го избираш“, рече Филипче.

Тој додаде дека Мицкоски ќе мора да одговара и за сомнежите за трансфер на дрога преку границата, при што оцени дека пред надлежните институции нема да може да се користат истите начини на дефокусирање.

„Веројатно ќе одговараш на прашања и за трансферот на дрога преку граница, е тогаш на тие инстанци веќе нема да може да се дефокусира и да се даваат лажни информации“, нагласи Филипче.
Мицкоски: Шест месеци најавувате скандали, а нема ниту „К“ од криминал
Одговарајќи на обвинувањата, премиерот Христијан Мицкоски рече дека нема да ги коментира прес-конференциите на СДСМ за изборите во Србија и обидите актуелните политички случувања таму да се поврзат со него и со Владата, во контекст на тоа кој кому му бил ментор.

„Овие прес-конференции кои што вашата политичка партија ги пренесува, а што се однесува до изборите во Србија и нивното поврзување со нас во контекст на тој кој чии и каков ментор бил, нема да ги коментирам. Ќе оставам времето да даде одговор на сето тоа кое што вие го кажувате денеска и лагите ги испраќате“, изјави Мицкоски.

Тој рече дека претходниот ден им се извинил на граѓаните за она што, според него, ќе го слушаат во периодот што следува, оценувајќи дека СДСМ со таквата политика се обидува да добие гласови.

„Јас вчера во една моја изјава се извинив на граѓаните за сето она кое што ќе го слушаат во периодот кој што следи. Тоа е едноставно нивото со кое што вие мислите дека во овој момент ќе добиете гласови. Тоа е ваша одлука, слободно водете политика она како што мислите. Но, ако мене ме прашувате за совет, мислам дека чекорите многу погрешно. Но, тоа е ваша одлука, јас нема тука да се мешам“, рече премиерот.

Мицкоски потоа се осврна на критиките за унгарскиот кредит, потсетувајќи дека, како што рече, СДСМ и пред шест месеци најавувала дека ќе бидат откриени наводни криминали поврзани со него и со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

„Истото го зборувавте и за Орбан пред шест месеци, истите прес-конференции од А до Ш. Споредете ги и во овие шест месеци, и тогаш велевте ќе се откриеле криминалиите на Мицко со Орбан, не знам што е сè се случуваше итн. Но, еве поминаа шест месеци, се откри една работа, дека сме земале добар финансиски кредит од страна на Унгарија. Кредит кој што го употребивме соодветно, а доказ за тоа дали сме го употребиле соодветно е денешниот извештај од Државниот завод за ревизија“, изјави Мицкоски.

Премиерот посочи дека, наместо најавуваните скандали, досегашните информации покажуваат дека средствата од унгарскиот кредит биле искористени за поддршка на македонската економија и домашното стопанство. Како потврда го посочи извештајот на Државниот завод за ревизија.

„Денеска Државниот завод за ревизија вели дека средствата од унгарскиот кредит се наменети за раст на македонската економија, дел дека се наменети за враќање на еврообврзница која што вашата влада ја има подигнато, тоа е половина милијарда, и дел дека се за поддршка на македонското стопанство“, рече Мицкоски.

Тој заклучи дека во изминатите шест месеци, според него, не се појавиле докази за криминал поврзан со унгарскиот кредит, туку потврда дека Владата ги искористила средствата за потребите на државата.

„Значи во овие шест месеци нема ни К од криминал, туку потврда дека оваа влада за оваа држава направила добро дело“, дециден беше Мицкоски.

Би можело да ве интересира

Мицкоски разговараше со Срдановиќ: Му честитав за победата!

А1он

(ВИДЕО) Филипче: Балканскиот криминален октопод се руши, по Вучиќ и Орбан следен ќе биде Мицкоски

Манасиевски: Филипче лаже за анкетите, лаже и за тоа дека има автомобил од 6.000 евра, за што уште лаже Венко

Катерина Ѓуровски

Манасиевски: Каде се анкетите на Венко што рече дека ќе ги обзнани во јавноста уште пред две недели?

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче бара утеха во пласманот од четврто место во Брвеница додека СДС ја направи партија која слави порази

(ВИДЕО) Мицкоски: Слободата што ја добивме е обврска кон идните генерации