Најмалку 13 лица загинаа, а најмалку петмина беа повредени во руски напад со дрон врз перон на железничка станица во централниот украински град Дњепар, потврдија регионалните власти.
Началникот на Дњепропетровската регионална воена управа, Олександр Ханжа, првично информираше за напад врз објект од сообраќајната инфраструктура, наведувајќи дека итните служби се на терен. Набргу потоа ги потврди бројките за загинатите и повредените, на кои лекарите им укажуваат помош.
🇷🇺💥🇺🇦 #BREAKING: Russian army strikes electric train in Ukraine’s Dnipro, killing 13 people
The Russian army has carried out a drone strike on an electric train in #Dnipro, the city’s mayor, Boris Filatov @borys_filatovv, said, UNIAN @unian reports.
According to him, 13 people were killed and five others injured in the attack.
— APA News Agency (@APA_English) October 29, 2026
Украинската државна железничка компанија „Укрзализница“ соопшти дека руски дрон со млазен погон го погодил перонот непосредно до возот број 866, кој сообраќал на линијата од Дњепар кон Запорожје.
И покрај тоа што била прогласена тревога поради зголемена опасност од воздушни напади, во моментот на ударот на перонот имало голем број цивили, соопшти железничкиот оператор.
Местото на нападот го обезбедуваат полицијата, спасувачките екипи и медицинските тимови. Локалните канали на Телеграм објавија и први фотографии на кои се гледаат последиците од нападот.
Смртоносниот напад врз железничката инфраструктура во Дњепар потсетува на нападот врз железничката станица во Краматорск, во источна Украина, во април 2022 година. Тогаш загинаа 61 лице, а повеќе од 160 беа повредени.
Во тој момент околу 4.000 цивили се собраа на станицата, чекајќи евакуациски возови поради напредувањето на руските сили. Станицата во Краматорск беше погодена на 8 април со ракета „Точка-У“, за која се верува дека носела касетна муниција.
Железничката станица повторно беше отворена во октомври 2022 година, шест месеци по нападот.
Истрага на непрофитната организација Центар за информациска отпорност (ЦИР) утврди дека достапните докази упатуваат на одговорност на Русија. Истражителите идентификуваа три можни места за лансирање на територија под руска окупација и проценија дека ракетата најверојатно била истрелана во близина на местото Шахтне, источно од Доњецк.
Москва тогаш ја негираше одговорноста, тврдејќи дека повеќе не користи ракети од типот „Точка-У“ и оценувајќи го нападот како украинска провокација. Украинското обвинителство, пак, собра докази за руската одговорност.
