Претседателот на САД, Доналд Трамп, одобри влез на бразилскиот сенатор Флавио Болсонаро во Соединетите Држави, по поразот на Болсонаро на претседателските избори. Оваа информација за Си-Ен-Ен (CNN) ја потврди советник на Трамп.
▶️ Trump acusa Lula de “roubar” a eleição brasileira e afirma que Flávio Bolsonaro terá asilo político nos Estados Unidos https://t.co/tGTcNtpimA
— Pesquisas Eleições (@EleicaoBr2026) October 27, 2026
Претставници на администрацијата на Трамп биле свесни дека Болсонаро има рок од приближно 24 часа да го предаде својот пасош, при што му ставиле до знаење дека ќе му биде дозволен влез во САД.
Извор од Бразил, близок до Болсонаро, изјави дека политичарот стравувал од апсење во својата татковина. Тој е предмет на истрага од страна на Врховниот суд на Бразил во врска со обвинувања за корупција, перење пари и финансиски малверзации. Лице запознаено со ситуацијата во вторникот попладне изјави за Си-Ен-Ен дека Болсонаро пристигнал во САД, иако точната локација на неговото пристигнување останува непозната. Во понеделникот, судијата на Врховниот суд на Бразил, Алешандре де Мораес, му нареди на Болсонаро да ги предаде своите пасоши во рок од 24 часа. Бидејќи тој не го стори тоа, Федералната полиција на Бразил ги прогласи неговите пасоши за неважечки.
Болсонаро претходно изјави дека бразилската полиција лично го известила за наредбата и му соопштила дека му е забрането да ја напушти земјата. Во видео објавено на Инстаграм во понеделникот, сенаторот негираше каква било намера за бегство. Шпекулациите за неговото движење се засилија откако аргентинскиот медиум „Инфобае“ (Infobae) објави дека Болсонаро го напуштил Бразил преку Аргентина. Аргентинската влада соопшти дека нема евиденција за негов влез во земјата.
Во моментот на неговото заминување од Бразил, против него немаше издадено налог за апсење. Сепак, правните аналитичари сметаат дека прекршувањето на судската наредба за предавање на пасошите би можело да биде доволна основа за издавање на таков налог….Во разговор со новинарите доцна во ноќта, Трамп навести дека го одобрува доаѓањето на Болсонаро.
„Па, би го одобрил тоа. Мислам дека се добри луѓе. Изборите беа многу чудни и, според мене, ужасни“, изјави Трамп.
Засега не е познато дали Трамп и Болсонаро разговарале директно по телефон пред заминувањето на бразилскиот политичар. Трамп, кој е силен поддржувач на семејството Болсонаро, претходно оваа недела тврдеше – без притоа да понуди докази – дека победата на неговиот противник, Луиз Инасио Лула да Силва, била „наместена“.
Едно од обвинувањата против Болсонаро се однесува на платформи за онлајн обложување кои се потенцијално незаконски. Друго обвинување се однесува на продукцијата на биографски филм за неговиот татко, насловен „Dark Horse“ (Темниот коњ). Федералната полиција верува дека во проектот биле вложени средства од „Banco Master“ – пропадната банка која во 2025 година се најде во центарот на финансиска измама од типот „Понзи шема“, тешка 7 милијарди долари. Болсонаро ги отфрла сите обвинувања.
Потегот на Флавио потсетува на постапките на неговиот татко, Жаир Болсонаро, по изборниот пораз во 2022 година. Кратко по тој пораз, Жаир Болсонаро замина во Орландо, Флорида, каде што остана три месеци. Во тој период, стотици негови поддржувачи упаднаа во владините институции во Бразилија. Тие извршија вандализам во Врховниот суд, Конгресот и претседателската палата, во напад сличен на упадот во американскиот Капитол во 2021 година. Поради обидот да ги поништи изборните резултати од 2022 година, поранешниот претседател Жаир Болсонаро беше осуден на 27 години затвор.
Заминувањето на Болсонаро се случи веднаш по неговиот неочекуван пораз од Лула, кој се случи минатиот викенд. Конзервативниот политичар важеше за фаворит, но во вториот круг Лула го надмина со разлика од 4,4 милиони гласови. Во вторникот, обраќајќи им се на своите поддржувачи, Лула го нарече заминувањето на Болсонаро „срамно“, додавајќи дека неговиот противник можел да остане во земјата и да се соочи со обвиненијата против него.
„За жал, такво е семејството Болсонаро. Бразил им е втор дом, а прв им се Соединетите Држави“, рече Лула.
Се чини дека заминувањето на поразениот кандидат ги затекна неподготвени дури и луѓето од неговата сопствена партија.
„Изненадени сме, бидејќи уште вчера разговаравме за тоа како Флавио – со оглед на околу 60-те милиони гласови што ги доби – би требало да ја преземе улогата на лидер на опозицијата“, изјави за новинарите Рожерио Марињо, менаџерот на неговата кампања.
Либералната партија на Болсонаро првично одбиваше да го признае поразот, но неколку дена подоцна го промени ставот.
„Ги признаваме резултатите од претседателските избори. Но, сметаме дека прашањата што беа покренати мора соодветно да се разјаснат“, изјави лидерот на партијата, Валдемар Коста Нето.
