Јеменскиот хутски претставник, Мохамед Али ал-Хути, денеска изјави дека одлуката на египетскиот парламент да одобри воена поддршка за Саудиска Арабија – со цел одбрана на Кралството од напади на оваа група – претставува објава на војна против Јемен.
– Египет и неговиот парламент изразија поддршка за таканаречената одбрана на Кралството Саудиска Арабија, а со тоа, всушност, објавуваат војна на Република Јемен, напиша Ал-Хути, член на политичкото биро на Хутите, во објава на „Телеграм“.
Како што претходно беше објавено, египетскиот парламент одобри воена поддршка за одбрана на Саудиска Арабија по ескалацијата на нападите од страна на јеменските Хути, пренесуваат локалните медиуми.
Според извештајот на „Ал Џезира“, речиси 500 пратеници побарале да земат збор за време на расправата по ова прашање.
Според член 152 од египетскиот Устав, претседателот не може да објави војна или да распореди воени сили без претходна консултација со Националниот совет за одбрана и без одобрение од две третини од пратениците.
Минатата недела, египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси побара од парламентот да даде овластување за одбрана на арапскиот сојузник од Заливот – кој е и најголем извозник на нафта во светот – доколку Ријад побара помош.
Хутите, кои се поддржани од Иран, во текот на октомври извршија напади врз меѓународниот аеродром во Ријад и врз државниот нафтен гигант „Сауди Арамко“, при што беа попречени летовите и извозот на нафта.
