Собранието утре ќе ја разгледува интерпелацијата за работата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, поднесена од Левица која ја обвинува за лошо управување со енергетскиот сектор, нови задолжувања на државните компании и недоволна заштита на јавните ресурси.
Од партијата наведуваат дека под раководство на Божиновска, ЕСМ се соочува со нови задолжувања, додека произведената електрична енергија се продава под производната цена. Истовремено, според Левица, фирмите под капата на ЕВН остваруваат десетици милиони евра профит, а граѓаните плаќаат повисоки сметки за струја и парно, поскапо гориво и повисоки мрежни трошоци.
Левица предупредува и на можноста за слабеење на државната сопственост во енергетиката. Според партијата, новата законска рамка го заменува поимот „државно производство“ со поширокиот термин „домашно производство“, додека Министерството нема јасен одговор за судбината на државниот пакет од 10 отсто акции во ЕВН Македонија.
Како спорен пример за работењето на ЕСМ, од Левица ги посочуваат рамковните спогодби со фирмата „Топлина“, вредни речиси две милијарди денари, за кои, според партијата, имало само еден понудувач. Воедно, критикуваат и увоз на три милиони тони јаглен од Обилиќ, и покрај неискористените домашни наоѓалишта и железничката инфраструктура.
Во делот на обновливите извори на енергија, партијата тврди дека постојат сериозни недоследности во евиденцијата и контролата на производителите. Според нивните податоци, лиценци имаат повеќе од 1.040 производители, додека Министерството евидентира само 525. Левица обвинува и дека три електроцентрали добиле дозволи спротивно на законските надлежности.
Од партијата посочуваат и дека во буџетите за 2025 и 2026 година нема средства за почеток на изградбата на хидроцентралата „Чебрен“, додека локации погодни за производство на ветерна енергија се отстапуваат на странски инвеститори без јавно објавени финансиски договори.
Во рударскиот сектор, Левица ја обвинува министерката дека државата го презема финансискиот ризик, додека концесионерите го остваруваат профитот. Како пример го наведуваат рудникот САСА, каде што трошоците за затворање и постзатворски мониторинг се проценети на 61 милион долари, додека банкарската гаранција што ја прифатила државата изнесува 400.000 долари.
Според партијата, доколку концесионерот се повлече или отиде во стечај, трошоците за санација на токсичната јаловина би паднале на товар на граѓаните. Левица тврди и дека Министерството нема јасен долгорочен план за јаловиштата во Тораница, Бучим и Злетово, додека не е решено ниту прашањето за проектот Иловица-Штука, на кој со години се противи локалното население.
Левица ја обвинува Божиновска и за недостиг од транспарентност, посочувајќи дека Министерството не го објавува Меморандумот за соработка во енергетиката потпишан во Вашингтон. Според партијата, министерката на барањето за увид во документот од пратеник одговорила дека дополнително ќе утврдува дали веќе потпишаниот меморандум е доверлив.
Од Левица оценуваат дека проблемите на рударските работници и граѓаните кои се соочуваат со високи сметки се занемаруваат, додека Министерството се фокусира на односи со јавноста и генерички соопштенија.
Партијата најавува дека утре ќе побара Божиновска да понесе политичка одговорност за, како што наведуваат, лошото управување со енергетиката и рударството, со последици врз јавните финансии, животната средина и стандардот на граѓаните.
