Осудениот С.З., познат како Симе, не е во затвор и повторно се појавува на фотографии со премиерот Христијан Мицкоски, обвини портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа на прес-конференција изјави дека на нова фотографија, направена вчера додека Мицкоски давал изјава, повторно се гледа Симе, за кого тврди дека работи за ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница.
Кузеска рече дека СДСМ претходно објавил повеќе фотографии и видеа на кои Симе е во друштво на Мицкоски за време на партиски активности на терен. Според неа, Симе бил уапсен со поголема количина дрога, оружје, муниција и пари.
Таа посочи и на видеа на кои, како што рече, Симе пука со калашников и цитира изјави на Воислав Шешељ пред руско знаме.
„ВМРО прво рече дека станува збор за само една фотографија. Потоа излегоа повеќе слики и видеа. Оттогаш молк. Институциите молчат, а Мицкоски никогаш не одговори на прашањата“, рече Кузеска.
Според СДСМ, Симе бил уапсен во периодот кога пет тони дрога од Македонија биле запленети во Србија, во селото Коњух кај Крушевац.
Кузеска обвини дека Симе сега е на слобода и дека е ангажиран за партиски активности во Брвеница, каде, според неа, треба да врши притисок и да упатува закани.
Од СДСМ оценија дека случајот потсетува на периодот на владеењето на Никола Груевски и Сашо Мијалков, обвинувајќи ја власта за заштита на лица поврзани со криминал.
Партијата побара од Обвинителството веднаш да испита зошто Симе не е во затвор, кој одлучил да биде пуштен и како е можно, според нивните тврдења, лице уапсено со дрога и оружје да работи за власта наместо да одговара пред правосудните органи.
