Исламската заедница на Бошњаците во Австрија планира во градот Брук ан дер Мур, во покраината Штаерска, да изгради културен центар со џамија. Против проектот се крена Слободарската партија на Австрија (FPÖ), објави „Кронен цајтунг“.
Заедницата преку Фејсбук започна кампања за собирање донации за објектот, кој, според најавите, треба да биде место за молитва, настава за деца и млади, како и за културни активности.
Како можна локација се споменува парцела на улицата Шлепбангасе, во близина на крстосницата кај регионалната болница. Според катастарските податоци, земјиштето сè уште е во сопственост на семејство претприемачи, чија група компании е во стечај, а купопродажбата не е завршена. Поради тоа, сè уште не е јасно дали заедницата воопшто ќе успее да го купи земјиштето.
Претставници на заедницата уште на почетокот на летото се обратиле до градските власти. Тогаш се разговарало за културен центар, но без конкретни информации за финансирањето и почетокот на изградбата.
Според австриските медиуми, градската управа дури од објава на Фејсбук дознала дека на таа локација би можела да се изгради поголема џамија во форма на мост.
Пратеникот на FPÖ во покраинскиот парламент на Штаерска, Филип Кенигхофер, изјави дека за плановите интензивно се разговарало на средба со граѓаните во четвртокот.
„Неизвесноста и вознемиреноста кај населението се големи, а се појавуваат многу прашања“, рече Кенигхофер, најавувајќи дека неговата партија ќе се спротивстави на изградбата на голема џамија со сите правни и политички средства.
Против проектот е и заменик-градоначалникот на Брук ан дер Мур од редовите на FPÖ, Рафаел Пенсл, кому му пречи големината на објектот.
„Градба со вакви димензии би го променила историски оформениот изглед на градот и пејзажот“, изјави Пенсл.
Бошњаците во Брук ан дер Мур веќе имаат свој џемат. Според податоците на Исламската заедница во Австрија, тој се наоѓа на улицата Винер штрасе 92. Новиот објект би претставувал поголем центар за верските и културните потреби на заедницата.
