Самит на лидери од Берлинскиот процес се одржа во Свети Стефан, Црна Гора. На самитот, на кој главниот фокус беше ставен врз побрзата интеграција на Западен Балкан, одекна и силната порака од австрискиот канцелар Кристијан Штокер, кој отворено потенцираше дека билатералните спорови не смеат да се користат како кочница во процесот на проширување.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц порача дека интеграцијата на регионот во ЕУ повеќе не е само прашање на убави говори, туку геополитички императив.
„Западен Балкан не смее да стане место каде што големите сили се борат за влијание. Во наш заеднички интерес е патот на државите од регионот неповратно да води кон Европската Унија. ЕУ мора да расте ако сака да го потврди својот суверенитет и да биде препознаена како јасен фактор на моќ во светот“, истакна Мерц.
Тој нагласи дека од државите во регионот се очекуваат храбри реформи, пред сè во областа на владеењето на правото, што е клучен услов и за германските и европските компании кои инвестираат и отвораат работни места на Балканот.
Домаќинот на самитот, црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, оцени дека Берлинскиот процес покажал оти и покрај разликите, регионот може да најде заеднички јазик. Црна Гора, која годинава беше домаќин на 26 настани во рамките на процесот, си постави амбициозна цел да ги затвори преговорите до крајот на 2026 година и да стане 28-ма членка на ЕУ до 2028 година, предавајќи ѝ ја палката на претседавањето со Берлинскиот процес на Австрија.
