Пленарната седница на албанскиот парламент денеска беше прекината по жесток судир меѓу пратениците на владејачката Социјалистичка партија и опозициската Демократска партија.
Тензиите ескалираа кога Таулант Бала, шеф на пратеничката група на Социјалистичката партија, почна да зборува, а опозициските пратеници се обидоа да го спречат.
Пратеникот на Демократската партија, Фламур Нока, му се приближи на Бала и насилно му го оттргна микрофонот. Двајцата влегоа во вербална расправија, но бидејќи микрофоните им беа исклучени, не се слушна што си рекле.
Претходно, заменик-претседателот на Демократската партија, Белинд Ќелиќи, од собраниската говорница порача дека партијата целосно ги поддржува студентите и нивните барања.
По неговото обраќање, ситуацијата дополнително се влоши. Опозициските пратеници ги превртеа столчињата и се обидоа да го спречат гласањето за дневниот ред, во кој се вклучени неколку важни предлог-закони.
Тензиите продолжија во собраниската сала, додека за дневниот ред гласаа само пратениците од владејачката Социјалистичка партија.
Во меѓувреме, стотици демонстранти се собраа пред парламентот и побараа оставки.
