На парламентарните избори во Србија, закажани за 25 октомври, 44,5 проценти од гласачити би гласале за листата „Студентска листа – Студентите победуваат“, додека 42,7 проценти би ја поддржале листата „Александар Вучиќ – Единствена Србија“, покажува најновата анкета на Новата српска политичка мисла (НСПМ).
Според резултатите објавени на веб-страницата на НСПМ, истражувањето било спроведено телефонски од 25 септември до 5 октомври, на репрезентативен примерок од 1.050 испитаници.
Под изборниот цензус би останале листата „Ивица Дачиќ – Фактор на стабилност“ со 2,9 проценти, „Европска Србија – Мариника Тепиќ – Здравко Понош“ со 2,7 проценти и „Автентична десница – Милош Јовановиќ“ со 2,5 проценти. Сите останати листи би добиле вкупно два процента од гласовите.
Во истражувањето, 2,7 проценти од испитаниците се изјасниле против власта, но рекле дека сè уште не знаат за кого ќе гласаат. Од НСПМ наведуваат дека 18,3 проценти од испитаниците не се изјасниле, па нивните одговори не биле вклучени во процентите на декларираните гласачи.
На прашањето дали ќе учествуваат на изборите, 79,8 проценти одговориле дека сигурно ќе гласаат, додека 13,3 проценти рекле дека веројатно нема да излезат. Два процента од испитаниците изјавиле дека веројатно нема да гласаат, 3,2 проценти дека сигурно нема да учествуваат, а 1,7 проценти немале мислење.
На прашањето што би било најдобро за Србија, 44 проценти од испитаниците одговориле дека тоа би била победа на студентите или опозицијата. За продолжување на владеењето на актуелната власт се изјасниле 22,5 проценти, додека речиси 20 проценти сметаат дека најдобро би било сегашната власт да остане, но со одредени промени.
Повеќе испитаници сметаат дека Александар Вучиќ не се покажал добро како претседател – 44,5 проценти, наспроти 41,8 проценти кои имаат спротивен став. Без мислење се 13,7 проценти.
Речиси половина од анкетираните, односно 48,1 процент, сметаат дека студентското движење и студентската листа се израз на незадоволството на граѓаните од домашната власт. Наспроти нив, 26,8 проценти веруваат дека станува збор за активности на странски разузнавачки служби.
Истражувањето покажало и дека 43,6 проценти од испитаниците не ја поддржуваат организацијата на специјализираната меѓународна изложба ЕКСПО во Белград во 2027 година. На евентуален референдум за членство на Србија во Европската Унија, 41,3 проценти би гласале „за“, а 39,6 проценти „против“.
Александар Вучиќ, носител на листата „Александар Вучиќ – Единствена Србија“, изјави дека ништо нема да ги промени изборните резултати и најави дека нема да дава јавни изјави за исходот пред 22 часот во недела.
Тој порача дека неговите политички противници можат „да застанат на глава или да измислуваат што сакаат“, но ако ги загубат изборите, тогаш изгубиле.
Вучиќ најави дека ќе им честита на победниците доколку неговата листа загуби.
„Ако ги загубиме изборите, ќе честитам во 22 или 22:30 часот – и тоа е тоа. Секако, нема да се појавам пред 22 часот. Искрено, воопшто не ми е важно дали тие ќе ми честитаат или не. Ќе има други што ќе честитаат. Ако победиме, мнозинството луѓе во Србија ќе се радуваат“, рече Вучиќ.
Осврнувајќи се на анкетите, тој тврдеше дека поддршката за неговата листа расте.
„Ние растеме. Во секоја поединечна анкета растеме. Сега разликата е само 1,5 процент, додека претходно изнесуваше дури 20 проценти во нивна корист. Направивме напредок. Во еден момент разликата беше и поголема од 20 проценти“, изјави Вучиќ, повикувајќи ги граѓаните што сакаат „нормална, пристојна Србија“ да излезат и да гласаат.
Тој додаде дека промените треба да ги спроведат искусни луѓе кои разбираат како функционира државата, а за своите политички противници рече дека „не се посилни, дури ни на улиците“.
