Организаторите на иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“ го обвинија раководството на СДСМ, предводено од Венко Филипче, за изборниот резултат во Општина Брвеница, оценувајќи дека четвртото место на партијата е директна последица на неговото работење.
Во реакцијата наведуваат дека по случаите со Ива Михајлова и Артан Груби, кои се случија за време на предизборната кампања, СДСМ имал можност да направи политички пресврт, но наместо тоа, Филипче секојдневно измислувал нови лаги.
„Срамно е што уште еднаш ја почести оваа крајно неспособна гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ. Сите останати се борат да победат, само Филипче и фракцијата слават и кога губат. Четвртото место на СДСМ во Брвеница е директна одговорност на ова раководство на партијата“, се наведува во реакцијата.
Од иницијативата посочуваат дека Јовица Радески бил доведен пред свршен чин, откако неколку истакнати членови претходно одбиле да се кандидираат. Според нив, тие не сакале да дозволат во вториот круг некој зад нивен грб да ги пазари гласовите.
Сепак, му честитаат на Радески за, како што наведуваат, достоинствениот настап во предизборната кампања.
„Жалиме што СДСМ во Брвеница има повеќе гласови само од двајца независни кандидати, што е уште една потврда во каква агонија е партијата со ова дезориентирано раководство“, наведуваат организаторите.
Тие оценуваат дека раководството на СДСМ се обидува да го претстави како успех фактот што партијата освоила 225 гласа повеќе во споредба со 2025 година, притоа премолчувајќи дека кандидатот освоил 57 гласа помалку од советничката листа на СДСМ на минатогодишните избори.
Во реакцијата, организаторите го обвинуваат актуелното раководство за политички договор со ВМРО-ДПМНЕ.
„Се потврди уште еднаш дека ова раководство на СДСМ е соизвршител во највалканиот политички дил во историјата. Венко Филипче е полномошникот кој единствено има овластување да го држи СДСМ во заложништво и така да му испорача на ВМРО-ДПМНЕ уште една победа на парламентарни избори во замена за слобода“, се наведува во соопштението.
Од „Разговори за иднината“ бараат Филипче на следната седница на Централниот одбор да одговори на три прашања:
– Колку анкети направени за потребите на раководството на СДСМ покажуваат дека партијата во Изборната единица 6 веќе не може да се надева на ниту еден пратенички мандат?
– Кој и зошто повторно ја актуелизира идејата за влез на актуелното раководство на СДСМ во Владата на Христијан Мицкоски?
– Што уште треба да му се случи на СДСМ за Филипче и неговата фракција да разберат дека треба веднаш и без одлагање да ја напуштат „Бихаќка“?
На крајот, организаторите го повикуваат Филипче да го прочита и да го прифати нивниот план за структурни реформи во СДСМ.
„Пред да стане предоцна, Венко Филипче треба уште еднаш да го прочита и без обиди за пазарење конечно да го прифати нашиот план за структурни реформи во СДСМ. Доколку уште не ги разбира пораките на гласачите, може да му ги објасни неговиот врховен политички авторитет“, порачуваат од иницијативата.
