Владата на Мицкоски го укинува Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница. Ова е чекор назад кој значи поништување на реформите кои се спроведоа по препораките на Прибе. Удар врз механизамот воспоставен во рамките на реформите чија цел беше да се спречат повторни злоупотреби и политизација на службите. Скандалозно е што самото МВР оценува дека законот е системски правилно поставен и усогласен со стандардите на ЕУ и НАТО, а сепак предлага негово укинување, велат од СДСМ.
– Ако проблемот е во спроведувањето, зошто се укинува законот? Ако недостига оперативен капацитет, зошто не го обезбедат? Ако постои недоверба меѓу институциите, кој е одговорен да ја надмине? Не држат изговорите. Цела на Мицкоски е јасна, да воведе целосна партиска контрола над службите, како во времето на Груевски и Сашо Мијалков. Како што го контролира правосудството, полицијата и се друго во државата. Реформите кои што се спроведоа по стандарди на ЕУ и НАТО имаа јасна цел: професионални служби, разграничени надлежности, демократска контрола и заштита на граѓаните.
Затоа ОТА беше формирана како посебна агенција, а АНБ беше издвоена од МВР. Овој процес беше важен дел од приближувањето на државата кон НАТО и ЕУ. Законот за координација обезбедува заеднички проценки на заканите, размена на информации и усогласено постапување на АНБ, Агенцијата за разузнавање и военото разузнавање. Со Советот претседава премиерот, а механизмот ги поврзува службите и со предлозите на Советот за безбедност. Сега Мицкоски тоа го поништува за партиски и лични цели. Очигкедно е дека ова подготовка за најавуваното спојување на АНБ и Агенцијата за разузнавање. За Мицкоски и безбедносниот систем е партиски плен. Македонија веќе ја плати цената на злоупотребата на службите за политички интереси. СДСМ бара повлекување на предлогот и отворање јавна, експертска и парламентарна расправа. Нема да молчиме на бришење на реформите и нова партизација на службите, нагласуваат од партијата.
