Ќе се проценуваат ризиците од свлечишта и нестабилност пред планот за Барутана да оди на гласање, ветува Герасимовски

Од:

Со нацрт-деталниот урбанистички план за локалитетот Барутана на Водно се предвидува намалување на вкупната површина за градба од 43.429 на 29.439 квадратни метри, односно за 33,3 проценти, како и зголемување на зеленилото во градежните парцели од 20 на 40 проценти. Пред планот да биде ставен на гласање пред Советот на Општина Центар, ќе бидат побарани дополнителни геолошки елаборати за безбедноста на теренот, како и можноста за појава на свлечишта и ерозија, истакна денеска градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.

На брифинг со новинарите и во изјавата по средбата, Герасимовски посочи дека Општина Центар има законска обврска да започне постапка за донесување нов детален урбанистички план по поништувањето на претходниот план во 2025 година, но нагласи дека започнувањето на постапката не значи дека планот задолжително ќе биде усвоен.

-Со поништувањето на самиот план во 2025 година, моја законска обврска и обврска на Општината е да започне со донесување нов детален план. Тоа го започнавме и тој е во процедура. Досега се добиени позитивни мислења од релевантни институции за продолжување на постапката. Но, дали планот ќе биде изгласан, тоа е одлука на Советот и советничките групи – рече Герасимовски.

Посочи дека Општината досега одржала повеќе состаноци со експерти од областа на урбанизмот и дека минатата недела добила позитивно мислење од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

-Нема да го ставам деталниот план на гласање сè додека не добиеме позитивни мислења од сите релевантни институции. Дополнително, ќе побараме од планската куќа да изработи геолошки елаборат за да ги утврдиме безбедноста на теренот и можноста за појава на свлечишта, ерозија и слични појави – нагласи Герасимовски.

Појасни и дека со новиот нацрт-план не се воведуваат нови градежни парцели, туку се задржуваат парцелите предвидени со претходната планска документација, при што се намалува површината за градба. Герасимовски презентираше генерални и детални урбанистички планови од претходните години, посочувајќи дека урбанистичкиот опфат на Барутана бил утврден со Генералниот урбанистички план и дека за подрачјето постоела планска документација уште од 2002 година.

Според него, проблемите со усогласувањето на генералните и деталните урбанистички планови не се карактеристични само за Општина Центар, туку се присутни и во други делови од Скопје. Тој оцени дека донесувањето нов Генерален урбанистички план е неопходно за да се надминат несогласувањата во планираните капацитети за градба, населението и сообраќајната инфраструктура.

Во однос на сообраќајното решение за Барутана, Герасимовски најави дека ќе биде организирана втора јавна анкета, на која граѓаните ќе можат повторно да ги изнесат своите забелешки и предлози. Една од главните теми што ќе бидат разгледани се можностите за измена на дел од предвидените сообраќајници, особено поради конфигурацијата на теренот и тешкотиите при нивната реализација.

-Она што го добивме како совет од експертите од областа на урбанизмот и планирањето е да се разгледаат можностите за сообраќајниците и нивната реализација. Во минатото, по мое барање, беше изгласана суспензија на дел од планот Ј07 токму поради неможноста за реализација на одредена сообраќајница – рече Герасимовски.

Општина Центар, додаде, нема да го расчистува теренот со општински средства, ниту да ја преземе обврската за финансирање на улиците предвидени со планот. За дел од сообраќајното решение, како што беше појаснето на брифингот, надлежност има и Град Скопје, а можните измени ќе мора да бидат усогласени со важечката планска документација.

Герасимовски оцени дека дел од критиките за планот биле неосновани и упати повик јавната дебата да се води врз основа на факти и стручни мислења. На јавната расправа, вели, имало расправии и критики кон општинските служби, поради што побарал извинување од советниците, но не го добил.

Во однос на реакциите на граѓаните, градоначалникот рече дека Општината ги зема предвид забелешките и на жителите на Барутана и на оние што живеат во околината, при што нагласи дека нивните интереси не се секогаш исти.

-Јасно е дека жителите што живеат во Барутана бараат поголем развој и што побрзо донесување детален урбанистички план, додека жителите во околината се повнимателни и имаат критики во однос на сообраќајниците, зеленилото и другите прашања. Наша задача е да ги подобруваме условите, а тоа го правиме и со овој план, со кој се намалуваат површините за градба и се зголемува зеленилото – рече Герасимовски.

Додаде дека во нацрт-планот се предвидува и пензионерски дом на државна парцела, како дел од настојувањата за подобрување на содржините во просторот.

Во однос на ризикот од ерозија, Герасимовски посочи дека при изработката на Генералниот урбанистички план биле направени соодветни анализи, но дека Општината ќе побара дополнителни стручни испитувања пред да одлучува за понатамошните чекори.

На новинарско прашање дали анализите треба да го земат предвид и можниот ефект од отстранувањето на вегетацијата при евентуална изградба, Герасимовски посочи дека Општината ќе се води според мислењата на надлежните институции и експертите.

Оцени и дека доцнењето со донесувањето нов Генерален урбанистички план создава сериозни проблеми за Општина Центар и за Скопје во целина, особено во однос на усогласувањето на деталните планови, планираните капацитети за градба и решавањето на сообраќајните проблеми.

Постапката за нацрт-деталниот урбанистички план за Барутана продолжува, а конечната одлука ќе зависи од резултатите од јавната анкета, дополнителните стручни анализи, усогласувањето на сообраќајното решение и мислењата од надлежните институции. По завршувањето на потребните постапки, планот ќе биде доставен пред Советот на Општина Центар, кој ќе одлучува за неговото усвојување.

Би можело да ве интересира

Општина Центар најави нова дератизација, откако граѓаните се пожалија на наезда на глувци

Катерина Ѓуровски

Аларм за наезда од глодари во Центар: Живи и мртви, стаорци и глувци на паркинг кај основно училиште

(ВИДЕО) Јанков: Герасимовски бега од соочување со граѓаните и експертската јавност

Герасимовски: Утре јавна презентација на Нацрт ДУП за Барутана, граѓаните да се вклучат со свои предлози

Горан Наумовски

ОК Центар на ВМРО-ДПМНЕ: Горан “бетон” Герасимовски глуми борец против бетонизацијата која тој лично ја спроведува

Горан „бетоњерка“ Герасимовски го турка планот за „Барутана“ на Водно: Чии интереси штити?