(ВИДЕО) Јанков: Герасимовски бега од соочување со граѓаните и експертската јавност

Од:

Советникот на Левица во Град Скопје и инженер-архитект, Андреа Јанков, на денешната јавна расправа за Нацрт-ДУП „Барутана“ остро реагираше на обидите спорниот урбанистички план да се претстави како намалување на градежниот обем и заштита на јавниот интерес, посочувајќи дека зад ваквата реторика се крие повеќекратно зголемување на станбената површина и нов товар кој ќе падне врз сите граѓани на Општина Центар.

Јанков посочи дека проблемот со „Барутана“ не може да се разгледува изолирано од начинот на кој во последните три децении се носеле, но и не се носеле урбанистичките планови во Скопје. Особено, како што истакна, не може да се игнорираат законите и подзаконските акти од кои произлегуваат ГУП-овите и ДУП-овите, ниту причините поради кои во различни периоди се манипулирало со нумеричките показатели за конкретниот простор.

„Има многу дебела причина зошто во ГУП-от од 2002 година нема нумерички показатели – токму за да се манипулира со бројките на оваа дадена парцела. Исто така, има причина зошто во 2012 година се зборува за 6.500, кога де факто на лице место имаме 15.000. Зборуваме за развој, а практично имаме ситуација во која не можеме ни да ги предвидиме параметрите на развојот“, истакна Јанков.

Тој предупреди дека јавноста намерно се убедува дека со новиот ДУП се намалува градењето, бидејќи во споредба со претходниот план се предвидува 33 проценти помала станбена површина. Но, како што посочи, суштината е сосема поинаква.

„Се дичиме дека сме успеале да направиме 33 проценти помалку станбена површина од претходниот ДУП. Меѓутоа, во моментов ние зборуваме пак за два и пол пати зголемување на истата површина. Не можеме да се фалиме дека сме намалиле градба, а практично да градиме неколкукратно повеќе“, порача Јанков.

Тој посочи дека новата градба не значи само приватна станбена површина и профит за инвеститорите, туку и потреба од изградба на јавна инфраструктура, која нема да ја платат приватните инвеститори што ќе профитираат од урбанизацијата, туку граѓаните на Општина Центар.

„Покрај станбената површина, која несомнено е приватна, имаме и јавна површина и инфраструктура која треба да се изгради. Таа јавна инфраструктура ќе ја плати Општина Центар, односно сите граѓани на Општина Центар – без разлика дали живеат на Водно, во Дебар Маало, Мачар Маало, Ново Маало или на кое било друго место“, истакна Јанков.

Според него, токму тука лежи суштинскиот проблем на урбанистичкото планирање во Скопје и во Македонија – општините речиси никогаш не инвестираат самостојно во изработка на деталните урбанистички планови, па јавниот интерес се остава зависен од приватните интереси.

„Како сакате да браните јавен интерес кога самата општина не планира ставка во буџетот за урбанистички план? Детален урбанистички план се носи на пет години. Толку ли е проблематично во еден градоначалнички мандат да се одвои ставка за тоа? Не може јавниот интерес да се брани кога јавниот сектор воопшто не инвестира во планирањето“, рече Јанков.

Тој посочи дека коренот на проблемот е во политичките одлуки на градоначалникот и општинското раководство. Особено остро реагираше на отсуството на градоначалникот Горан Герасимовски од јавната расправа, оценувајќи дека тој ја остава администрацијата да се расправа со граѓаните и да ги брани одлуките за кои политичката одговорност ја носи токму тој.

„Мене ми е многу жал што градоначалникот не е овде и што ги остава службите да се расправаат со граѓаните, а всушност коренот на целиот проблем е политичка одлука. Администрацијата не треба да му ги води битките на градоначалникот. Ако планот е политичка одлука, тогаш градоначалникот треба да има храброст да застане пред граѓаните и да ја брани“, истакна Јанков.

Јанков предупреди дека Општина Центар имала можност да започне сопствен процес за „Барутана“ и да не брза со донесувањето на спорниот план, особено имајќи предвид дека новиот Генерален урбанистички план на Скопје доцни со години.

„Доколку градоначалникот одлучеше и самиот го отпочнеше процесот за „Барутана“, можеше условно да го тегне додека да се донесе новиот Генерален урбанистички план.

Сите знаеме дека ГУП-от касни четири години. Наместо тоа, сега гледаме практично фотофиниш трка да се искористи сè што може да се искористи врз основа на ГУП-от од 2012 година“, порача Јанков.

Левица предупредува дека јавниот интерес не може да се брани со козметички намалувања на параметрите во ДУП, додека суштински се отвора простор за повеќекратно зголемување на градбата и за приватен профит, а трошоците за инфраструктурата се префрлаат врз граѓаните.

Герасимовски може во јавноста да зборува дека одлуките се носат заедно со граѓаните, но кога граѓаните доаѓаат да го прашаат кој ќе ја преземе одговорноста за урбанизацијата на Водно – градоначалникот го нема. Наместо лично да се соочи со граѓаните и да ја брани политиката што ја спроведува, тој се крие зад администрацијата и ги остава службите да ги водат неговите политички битки.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Станкоска: Орце Ѓорѓиевски против жртвите на семејно насилство вети дека ќе обезбеди субвенции за кирии, па ги исфрли од ребалансот

Горан Наумовски

Исмаил: Министерството за демографија крена раце од родилките – за доцнењето на надоместоците одговора со „не сме надлежни“

Герасимовски: Утре јавна презентација на Нацрт ДУП за Барутана, граѓаните да се вклучат со свои предлози

Горан Наумовски

Мециновиќ: Демографијата не се спасува со „мамо роди ми братче“ – предлагаме закон за отпис на 20% од станбениот кредит по новороденче

Горан Наумовски

Левица: Јаневска им вели на шестгодишни деца да бараат братче и сестриче за да ја решат демографската криза во која ДПМНЕ ја доведе Македонија

(ВИДЕО) Давчева: ДПМНЕ ги претвора управните и надзорните одбори на јавните претпријатија во партиски плен