ЛДП за случајот со Ива Михајлова: Дали да го укинеме судството, кога институциите и онака не функционираат?

Од:

Либерално-демократската партија (ЛДП) изрази огорченост од, како што наведува, секојдневните скандали што ја потресуваат македонската јавност и укажуваат на натамошно пропаѓање на државните институции и создавање систем на неправда. Во реакцијата за случајот со Ива Михајлова, партијата оценува дека прашањето треба да се разгледува од аспект на владеењето на правото, без етнички предзнак.

„Случајот со Ива Михајлова го апстрахираме од етничкиот предзнак и нема да им дадеме простор на тие зовриени национал-шовинистички глави во регионот да си прават етно-популистички кампањи на човечки трагедии. Пораките од Софија се скандалозни и грозни и говорат за земја во која постои целосно помрачување кога станува збор за владеење на правото, а уште помалку за европски систем на правда“, наведуваат од ЛДП.

Од партијата сметаат дека Михајлова треба да одговара и за ново кривично дело, а го критикуваат и нејзиниот адвокат поради јавната изјава дека си ја „зеле судбината во свои раце“.

„Каква правна хаварија! Во овој случај, вистинска трагедија во Македонија е тоа што целосниот крах на функционирањето на институциите доведе до тоа лице, кое е осомничено за предизвикување смртни последици во сообраќајна несреќа, наместо да се соочи со правдата и да ги почитува судските забрани, да добива статус на наводна жртва и шоу-ѕвезда, како од некое одвратно евтино реално шоу“, наведуваат од ЛДП.

Партијата оценува дека случајот предизвикал огорченост кај граѓаните, бидејќи отвора прашања за функционирањето на полицијата, контролата на граничните премини и почитувањето на судските мерки.

„Живееме во држава во која би требало да има функционална полиција, безбедносни камери на граничните премини и служби што осигуруваат дека лицата на кои им се одземени пасошите и имаат забрани за излез ќе бидат достапни на органите. Ако сето тоа е нефункционална фарса, пораката е кристално јасна: во Македонија можете да убивате, да крадете, да уништувате и на крајот слободно да си прошетате во странство и да се сликате како жртва“, се наведува во реакцијата.

Од ЛДП дополнуваат дека ваквата ситуација се случува во услови кога, според нив, власта има целосна контрола врз законодавната власт, уставно мнозинство, локалната власт и значителна доминација во медиумскиот простор, како и пристап до безбедносните камери.

Партијата ја поврзува состојбата и со измените на Кривичниот законик, оценувајќи дека тие испратиле порака оти функционерите можат да избегнат одговорност додека се на власт.

„Пораката која ја добија криминалците во власта со менувањето на Кривичниот законик и ослободувањето од вина на функционерите беше дека од позиција на власт може да прават што сакаат. А сега, пораката која ја добија останатите криминалци со скандалот Михајлова е дека слобода на акција имаат и тие. Ова неодоливо личи на почеток на општ хаос и анархија“, наведуваат од ЛДП.

На крајот, партијата повикува на реакција против, како што ја оценува, натамошното пропаѓање на институциите.

„Имаме ли сè уште моќ да го спречиме ова пропаѓање? ЛДП верува дека во народот постои огромен бес, кој заедно наскоро ќе мора да го изразиме и да му ставиме крај на ова секојдневно државно тонење“, се наведува во соопштението.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Народот гледа што договори Муцунски во Софија

Реакција на министерот за правда во врска со случајот на Ива Михаилова

СДСМ: Панче Тошковски ја пушти Михаилова, сè се работи под маса откако ВМРО-ОК е на власт

Предраг Петровиќ

На Михаилова и беа одземени две патни исправи, а имаше и забрана за преминување на граница со лична карта, извести Обвинителството

Горан Наумовски

МНР реагира за Михаилова: Владеењето на правото не смее да биде селективно

Горан Наумовски

МВР: Ива Михаилова нема евидентиран излез од Македонија и влез во Бугарија

Горан Наумовски