Сведок во случајот „Државна Лотарија“: ВЛТ апаратите никогаш не беа пуштени во употреба!

Од:

Постапката за набавка на ВЛТ терминали во АД „Државна лотарија“ била спроведена врз основа на претходно усвоени планови и одлуки на органите на управување, а набавените апарати никогаш не биле ставени во употреба и сè уште се наоѓаат во магацините на компанијата, изјави денеска сведокот Александар Андонов, член на комисијата што ја спровела јавната набавка, на судењето за предметот „Државна лотарија“.

Андонов, кој моментално е директор на Секторот за спречување перење пари и финансирање тероризам во Државна лотарија, сведочеше дека како член на комисија составена од пет члена учествувал во постапката за набавка на ВЛТ терминалите, но дека комисијата постапувала по претходно донесени одлуки.

– Ние како комисија постапувавме по претходно веќе донесени одлуки. Истата требала да биде и била предвидена во планот за јавни набавки. Планот за јавни набавки претставува еден вид на документ, односно план во кој што се наведени сите планирани јавни набавки кои што треба да се преземат од страна на друштвото согласно целисходноста и потребата која што ја утврдуваат органите на управување во Државна Лотарија. Планот за јавни набавки како таков, процедурално и согласно нашите интерни акти го донесува Управниот одбор на друштвото, планот за јавни набавки не значи дека сѐ што е во него наведено треба да се спроведе како постапка, сепак тоа зависи од потребата на друштвото – рече сведокот.

Во продолжение го образложи начинот на кој се планираат и одобруваат набавките во компанијата, посочувајќи дека покрај планот за јавни набавки постои и финансиски план.

– Финансискиот план се усвојува од Управен одбор на Државна Лотарија по претходно одобрување од Надзорен одбор, при што согласно интерните процедури, како и до сега, на крај финансискиот план се доставува на разгледување до единствениот акционер на Државна Лотарија – Владата. Откако ќе се донесат овие првенствени акти имаме веќе основ за спроведување на таква постапка, планирана јавна набавка – изјави Андонов.

Според неговото сведочење, пред самото распишување на јавната набавка била спроведена посебна претходна постапка во која се собирала документација за утврдување на законитоста и оправданоста на набавката.

– Фаза 2 е претходната постапка која претходела на донесување на одлуката за формирање на комисија и за отпочнување постапка за јавна набавка која е во надлежност на органите на управување, т.е. генералниот директор, Управен одбор, Надзорен одбор, единствениот акционер, секој во рамките на своите надлежности. Во оваа постапка се прибираат сите документи како претходна постапка за утврдување на легалитетот на постапката, целисходноста на истата и дали таа била потребна – рече тој.

По завршување на таа фаза, како што посочи, била донесена одлука за јавна набавка и формирана комисија која ја спровела постапката преку Електронскиот систем за јавни набавки.

– По спроведување на претходната постапка од фаза 2 беше пристапено кон донесување на одлука за јавна набавка и формирање комисија, при што ние како комисија за јавната набавка, истата ја спроведовме преку електронскиот систем за јавни набавки ЕСЈН. Во јавната набавка беа доставени три понуди по што првичната тричлена комисија пристапи кон утврдување на формално правниот елемент на истите, додека техничката комисија пристапи кон утврдување на тоа дали понудените апарати ги исполнуваат техничките барања од техничката спецификација. По спроведување на таа постапка беше извршена евалуација при што беше изготвен записник, па извештај, по што беше донесена одлука за избор на најповолни понудувачи – рече Андонов.

Сведокот наведе и дека по донесувањето на одлуката за избор и по склучувањето на рамковните спогодби, набавката била предмет на управна контрола од Бирото за јавни набавки.

– Во моментот на закачување на тие документи, а имајќи предвид висината на износот на таа јавна набавка, бевме соочени со управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки. Бирото како надзорен орган на јавните набавки што се спроведуваат во конкретната управна контрола што ја спроведе кај нас за конкретната јавна набавка имаше за цел да направи проверка на усогласеноста на јавната набавка со одредбите од Законот за јавни набавки, односно дали истата беше спроведена во согласност со Законот за јавни набавки. По завршување на управната контрола добивме записник, по записникот беше спроведена постапката за ВЛТ терминали – рече тој.

На прашање што се случило со набавените терминали, Андонов одговори дека тие никогаш не биле ставени во функција.

– Тие никогаш не беа ставени во употреба за потребите на Државна лотарија. Од страна на надлежниот сектор за спроведување на барање до УЈП и Министерството за финансии беа доставени барања, меѓутоа, имајќи предвид дека апаратите моментално се наоѓаат во магацините на Државна лотарија и истите не се ставени во употреба, не можам да кажам во кој дел сме добиле позитивни или негативни решенија за пуштање во употреба, а имајќи предвид дека сите нарачани апарати се во магацините на Лотарија – изјави сведокот.

Одговарајќи на прашања од одбраната на Перпарим Бајрами, сведокот изјави дека не може точно да се сети дали за набавката постоела целокупната документација, но посочи дека постапката завршила со склучување договор.

– Не можам да се сетам точно, штом постапката е завршена и стигнала до договор, бараните документи биле доставени, а во однос на техничкиот дел, дали се исполнети тогаш не можам да кажам – рече Андонов.

Во предметот „Државна лотарија“, покрај Артан Груби и Перпарим Бајрами, обвинети се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски.

Според обвинението, со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари. Сите обвинети претходно се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Судењето продолжува на 20 октомври.

Би можело да ве интересира

Обвинителката за сведочењата на родителите на судијата Ѓоко Ристов: Не се поткрепени со докази, емоциите се јасни!

А1он

Притвор и куќен притвор на двете вработени во АД „Државна лотарија“ за проневера на 1,3 милиони евра

А1он

Мајката на судијата Ѓоко Ристов тврди дека 350.000 евра се нејзини: Бостан, диња, пипер, ореви, се продавав

А1он

Си присвоиле 80 милиони денари од Државна лотарија: Истрага против две финансиски раководителки

Предраг Петровиќ

Кривични пријави за екс директорка и шефица на финасии во „Лотарија“ за проневера на 80 илјади евра

На Груби куќниот притвор му завршува за една недела, приложи гаранција од 335.707 евра за укинување на дополнителните мерки