Рударските инженери повторно стануваат дефицитарна професија: САД бараат 6.000 нови кадри

Од:

Додека најголемите економии во светот повторно инвестираат во рударството и критичните минерали, рударските инженери стануваат сè побарани на глобалниот пазар.

Според проценките на американското Министерство за енергетика, САД ќе имаат потреба од околу 6.000 нови рударски инженери во следните десет години.

Причината е зголемената потреба од критични минерални суровини и стремежот на САД да воспостават посигурни домашни синџири на снабдување.

Помошник-секретарот за енергетика и критични минерали Одри Робертсон вели дека американската политика е насочена кон инвестиции во целиот синџир – од рударство и преработка до технологии и развој на работната сила.

Според неа, прашањето за критичните минерали не е само економско, туку е поврзано и со енергетската и националната безбедност.

И Европа го следи овој тренд, со програми за обука на кадри потребни за идниот развој на секторот.

Во Македонија, состојбата е поинаква. Интересот на младите за рударските професии е намален, иако земјата сè уште располага со обучени кадри. Професорот и декан на Факултетот за природни и технички науки во Штип, Ѓорѓи Димов, неодамна посочи дека кадри постојат, и покрај намалениот интерес за професијата.

Токму затоа, прашањето за иднината на рударството во Македонија не се однесува само на образованието. Потребни се и реални можности за вработување и развој на професионалците.

Напредните проекти како „Иловица-Штука“ би можеле да отворат простор за примена на знаењето и експертизата на домашните геолози, инженери и други стручни профили.

Во време кога САД и Европа инвестираат во развој на нови капацитети и човечки ресурси за критични минерали, Македонија се соочува со прашањето како да го задржи и активира сопствениот рударски потенцијал.

„Намален ни е интересот за учење во рударските и геолошки училишта или високообразовни институции коишто се бават со рударството, геологијата и заштитата на животната средина, меѓутоа се уште постојат активни студиски програми и се уште продуцираме рударски инженери, геолози и инженери за заштита на животна средина“, истакна Димов.

 

Во меѓувреме, последните податоци на Државниот завод за статистика покажаа дека бројот на работниците во август 2026 година, во однос на август 2025 година, во секторот „рударство и вадење камен“ се намалил за 8.0%. Ова се должи и на фактот дека во Македонија не е отворен нов рудник во изминатите четириесет години. Единствена сериозна најава останува проектот за ископ на бакар „Иловица-Штука“. Инвеститорот најави дека проектот би бил најголема гринфилд инвестиција во земјава, која ќе обезбеди над 500 директни и 2.700 индиректни вработувања, а предност во вработувањата ќе има локалното население. За функционирањето на проектот потребни би биле рударски инженери, машински и електро инженери, геолози, металурзи, геодети, техничари, економисти и правници во администрацијата, оператори на машини, монтери, механичари, електричари, заварувачи, хемичари, сметководители, магационери, чувари, возачи, медицински персонал итн.

 

Инаку, во текот на изминатата година, во САД дипломирале околу 160 рударски инженери, наспроти околу 3.000 во Кина – податок со кој помошникот-секретар Робертсон го илустрираше обемот на недостигот од стручен кадар со кој се соочува Вашингтон додека се обидува да го прошири домашното рударство и преработката на руди.

 

„Во изминатите 30 години го препуштавме управувањето со синџирот на снабдување на надворешни партнери, а со тоа изгубивме и една генерација на таленти и знаење. Располагаме со извонредни таленти на нашите универзитети и се надеваме дека, преку партнерство со одличните образовни институции низ земјата што го обезбедуваат ова образование, брзо ќе ја промениме таа состојба. Изгубивме цела генерација на работна сила во оваа област. За да ја вратиме таа работна сила, ќе бидат потребни решителни мерки и можности, а се надеваме дека оваа иницијатива ќе биде еден од многуте начини за поттикнување на растот“, изјави Робертсон.

 

Таа додаде дека Министерството за енергетика работи да им прикаже на локалните заедници колку индустријата е променета и дека новите технологии  ја заштитуваат животната средина. Робертсон изрази надеж дека локалните заедници ширум САД ќе ја прифатат идејата дека „за да бидеме светски лидери и да обезбедиме иднина за нашите деца овде, не смееме да ја префрламе целата технологија за преработка во странство“.

 

Би можело да ве интересира

Ивона Трајановска од Бизнис Арена: Македонските компании имаат потенцијал за раст надвор од домашниот пазар

Фондот на ПИОМ: Неточни се наводите дека Мемов изјавил оти Фондот „нема да издржи“, исплатата на пензиите е сигурна и редовна

ВИДЕО: Зошто македонските бизниси заостануваат и како дигитализацијата носи успех?

Предраг Петровиќ

Каранфилова Пановска: Оризот се откупува за понижувачки 16 денари, оризопроизводителите не ги покриваат трошоците

Чилиманов: Додека преспанските овоштари ги бројат загубите, Владата нема ниту план ниту решение за нивниот опстанок

СДСМ: Буџетот е пократок за осум милијарди денари, дупката ќе се крпи со нов кредит