Жири-комисијата за доделувањето на наградата „Драги“ во состав: Иван Џепароски (претседател), Владимир Цветкоски (член) и Јана Михајловска (член) преку долга дискусија во третиот и последен круг на селекција одлучи да влезат пет препеви објавени од три издавачки куќи (Струшки вечери на поезијата, ПНВ публикации, Полица) кои, заедно со уште неколку други, веројатно имаат и најголем придонес во популаризација на поезијата во нашата културна средина. Препевите се авторско дело на пет искусни преведувачи и се направени од три различни светски јазици (англиски, холандски, кинески). Делата што влегуваат во финалната селекција (подредени по азбучен ред, според првата буква од името на препејувачите):
1. Ана Пејчинова за препевот од англиски јазик на „Избрани песни“ од Радјард Киплинг, издание на „Полица“, 2024 година
2. Даниела Спироска за препевот од англиски јазик на „Песни“ од Дилан Томас, издание на „ПНВ Публикации“, 2026 година
3. Ели Пујовска за препевот од холандски јазик на „Златен венец – одбрани песни од Анеке Брасинга“, издание на „Струшки вечери на поезијата“, 2026 година
4. Игор Радев за препевот од кинески јазик на „Безначајни песни“ од Шји Чуан, издание на „Струшки вечери на поезијата“, 2026 година
5. Никола Ѓелинчески за препевот од англиски јазик на „Неред“ од Питер Мекеј, издание на „Струшки вечери на поезијата“, 2026 година
Добитникот на наградата „Драги“ за 2026 година ќе биде соопштен на денот кога се одбележуваат 75 години од раѓањето на Драги Михајловски, 16 октомври (петок), од 12 часот во аулата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, со пригодна свеченост во чест на добитникот и номинираните. Во истата пригода ќе биде доделена и интернационалната награда „Драги“ на проф. д-р Борислав Павловски од Хрватска, чие доаѓање во Скопје исто така е потврдено специјално за овој важен настан.
Кусо претставување на финалистите
Ана Пејчинова (1973, Скопје) е писателка, поетеса и книжевна преведувачка со разновидно творечко и професионално искуство во областа на книжевноста, филозофијата, психологијата, политичките науки и преводот. Дипломирала Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, докторирала компаратистика на Карловиот универзитет во Прага, а магистрирала политички науки на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта. Авторка е на три збирки поезија – Деогае (1995), Ѕверот и проѕирот (1997) и Златните раце на демонот (1999) – и на збирката Авгански дневници (2008). За својата поезија ја добила наградата „Млада Струга“ (1995). Нејзината поезија е преведувана на повеќе јазици. Како преведувачка и препејувачка, најмногу од англиски јазик, Пејчинова има преведувано значајни автори од различни книжевни и културни традиции. Меѓу нејзините преводи се Четирите Зои од Вилијам Блејк, Избрани песни од Радјард Киплинг, поезијата на Елен Дорион од француски, како и стихови од Руми. Од македонски на англиски ги препеала делата The Forgotten Eye of the Sky од Глигор Стојковски и Abridging од Гордана Стојковска. Покрај книжевната работа, има долгогодишно меѓународно професионално искуство, вклучително и во рамките на Обединетите нации и УСАИД, најчесто во кризни и воени региони. Нејзиниот преведувачки опус се одликува со интерес кон поетски сложени текстови и различни книжевни традиции.
Даниела Спироска е книжевна преведувачка, уредничка и професорка по англиски јазик од Охрид. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а професионално е посветена на книжевниот превод, наставата по англиски јазик и афирмацијата на книжевноста. Како преведувачка од англиски јазик, има објавено повеќе преводи на современа и класична книжевност. Меѓу нејзините преводи се Понеделник или вторник од Вирџинија Вулф, Вештерката Лоис од Елизабет Гаскел, Писарот Бартлби од Херман Мелвил и Жолтата тапета од Шарлот Перкинс Гилман, објавени од „ПНВ Публикации“. Особено значаен е нејзиниот преведувачки ангажман во пренесувањето на македонската поезија на англиски јазик. Во 2024 година го направила изборот и препевот на сто песни од Славе Ѓорѓо Димоски, објавени во двојазичната книга Избрани песни / Selected Poems. Нејзини преводи на македонски автори и на странска поезија се објавувани и во книжевни изданија и на меѓународни платформи. Живее и работи во Охрид, каде што е активна и во книжевни и преведувачки иницијативи, вклучително и работилници за книжевен превод со млади читатели и ученици.
Ели Пујовска (Скопје, 1971) е преведувачка која досега има преведено книги од бројни холандски и белгиски автори, меѓу кои и „Розата и вепарот“ од Ане Провоуст, која е наградена со „Златно перо“ за најдобар книжевен превод на годината. По дипломирањето на Универзитетот во Ајндховен на катедрата за холандски јазик почнала да работи како професионален преведувач кој повеќе од една деценија посветено ги збогатува македонските библиотеки со класични и современи книжевни дела од холандската литература и ја поттикнува соработката помеѓу македонските издавачи и Холандската фондација за литература. Наскоро ќе го објави својот стоти превод на книжевно дело. Била член на комисијата за Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ (2018). Моментално живее и работи во Скопје.
Игор Радев (Скопје, 1977) е македонски филолог, лингвист, синолог, писател и книжевен преведувач. Дипломирал класични јазици на Филолошкиот факултет во Скопје, а магистрирал лингвистика и докторирал кинеска филологија на Нормал универзитетот во Пекинг. Неговото научно и творечко поле ги опфаќа кинеската лингвистика, класичната кинеска книжевност, филологијата и компаративната поетика. Како преведувач од старокинески и современ кинески јазик, има објавено бројни преводи на капитални дела од кинеската книжевна и филозофска традиција, меѓу кои Дао де џинг од Лао Це, Аналекти од Конфуциј, Антологија на класичната кинеска поезија, Менциј и Собрани песни од Ли Чинг Чжао. Неговите преводи се објавувани и на српски јазик. За својата преведувачка и книжевна работа е добитник на наградата „Григор Прличев“, на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, како и на кинеската Special Contribution Award to Chinese Publications.
Никола Ѓелинчески (Струга, 1988) е наставник и преведувач. Во 2011 година дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрата за англиски јазик и книжевност, со дополнителен модул по шпански јазик и книжевност. Активен член е на Здружението на преведувачи и толкувачи на Република Македонија и редовно учествува на конференциите и настаните организирани од здружението. Од 2020 година до 2023 бил претседател на организациониот одбор на наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“. Како преведувач од англиски и шпански на македонски јазик и обратно, уредил бројни изданија и извршил лектура и јазична редакција на дела од неговите јазични комбинации. Покрај објавените дела, негови преводи на домашни и странски автори се застапени и во бројни списанија и дигитални платформи.
Интернационална награда „Драги“ 2026
Како што беше соопштено претходно, со одлуката на жирито, интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на книжевно дело напишано во оригинал на македонски јазик ќе му биде доделено на Борислав Павловски за преводот на хрватски јазик на романот „Бајазит и Оливера“ од Драги Михајловски, во издание на престижната загрепска издавачка куќа „ТИМ прес“. Со ова признание се оддава почит не само на извонредниот преведувачки труд на Павловски и на неговиот повеќедецениски импонзантен придонес во афирмацијата на македонската книжевност во хрватскиот културен простор, туку и на трајното книжевно наследство на Драги Михајловски, во годината кога се одбележуваат 75 години од неговото раѓање. Наградата уште еднаш ја потврдува клучната улога на книжевниот превод како мост меѓу јазиците и културите и како еден од најзначајните начини македонската литература да стигне до нови читатели и нови културни простори.
Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и туризам на Македонија и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
За наградата „Драги“ првично беа номинирани 24 дела во превод на македонски јазик на 27 преведувачи. Книгите се објавени од 9 издавачки куќи, а преводите се направени од 12 различни јазици. Опфатени се дела (самостојни книги или избори од творештвата) на 22 странски автори а кога ќе се земат предвид и двете антологии, вкупно беа опфатени дела од стотина светски поети. Првпат откако е основана оваа награда ќе биде доделена за превод на поетско дело, со што ќе се потполни голема празнина во нашата културна средина, а воедно и достојно ќе се чествува името на д-р Драги Михајловски, кој даде најголем придонес токму во препевот на книжевни дела во стих.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со препевите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше како на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор, така и на сите што се занимаваат со науката за превод (транслотологија).
