Откриено кој стои зад најголемата руска саботажа во Европа досега

Од:

Рускиот мотоциклист Олег Левушкин, кој според заедничката истрага на „Телеграф“ и германски „Ди Велт“ бил поврзан со руската мрежа за саботажи во Европа, стоел зад обидот за напад со дрон врз аеродромот Лајпциг-Хале во Германија.

Според истрагата, Левушкин го осмислил нападот при кој дрон со импровизирана експлозивна направа требало да удри во украински товарен авион „Антонов Ан-124“, паркиран на аеродромот.

Во авионот имало околу 25.000 литри керозин. Експлозивната направа, сепак, паднала на пистата без да експлодира.

Истражителите се сомневаат дека Левушкин потоа ангажирал белоруски оперативец, Андреј Каршакоу, за извршување на нападот. Според истрагата, експлозивната направа била речиси идентична со оние што претходно биле користени во спречени саботажи во Полска и Литванија.

Според „Телеграф“ и „Ди Велт“, Левушкин со години бил во контакт со Денис Смолјанинов, офицер на руското воено разузнавање ГРУ, за кого западните разузнавачки служби тврдат дека е поврзан со планирање саботажи во Европа.

Левушкин, според германските служби, во Германија пристигнал преку Турција и изнајмил автомобил на берлинскиот аеродром. Податоците од автомобилот покажале дека посетил неколку локации на кои, според истрагата, било скриено оружје.

Во Германија, според истите наводи, бил внесен и 1,8 килограми пластичен експлозив „Семтекс“, кој бил транспортиран со камиони преку Бугарија и Србија.

Левушкин, според истрагата, пет дена пред инцидентот го посетил аеродромот во Лајпциг и ги снимал терминалите.

Полицијата на местото на инцидентот пронашла остатоци од три дрона и антена поставена на блиско дрво, која наводно била користена за нивно насочување.

На дел од ракавица пронајден во близина на антената истражителите изолирале ДНК, за која тврдат дека се совпаѓа со профилот на Каршакоу. Тој претходно им бил познат на властите во Финска и Литванија.

Каршакоу се поврзува и со подметнување пожар во продавница за градежен материјал во полски Лоѓ во 2024 година.

Западните разузнавачки служби дел од ваквите операции ги поврзуваат со единицата 29155 на ГРУ и со единицата 52659.

Германските власти во последните години предупредуваат на зголемена активност поврзана со саботажи на територијата на Европа. Германски разузнавачки претставник за „Телеграф“ изјавил дека Германија сè повеќе станува оперативна арена за руските служби.

Руската амбасада во Берлин ги отфрли обвинувањата и оцени дека станува збор за, како што наведе, „антируска хистерија“. Од амбасадата тврдат дека европските влади ја користат руската закана за оправдување на зголемените издвојувања за одбрана и вооружување.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Откриен планот на Путин, цел му се најголемите украински градови

ВИДЕО: Затворени мостови, мртви и повредени по руски напад на Киев

ВИДЕО: Украина првпат употреби сопствена балистичка ракета, Киев не открива што било цел

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Страотен напад на Киев, убиено дете

Русија планира рекордни 202,6 милијарди долари за одбрана во 2027

(ВИДЕО) Зеленски за операцијата „Вивалди“: Елиминиравме 10.600 Руси за една недела