ВИДЕО: Откриен планот на Путин, цел му се најголемите украински градови

Од:

Украинските власти предупредуваат на можни нови руски напади врз енергетската инфраструктура во пресрет на зимата, откако во средата ракети и дронови погодија термоелектрана и други енергетски објекти во земјата.

Нападите предизвикале експлозии во Киев, а во неколку градски населби имало прекини во снабдувањето со електрична енергија и вода.

Според украинскиот министер за енергетика Денис Шмихал, Русија подготвува поширока кампања насочена кон енергетскиот систем на Украина. Тој, како што објави „Њујорк тајмс“, пред две недели на европските партнери во Париз им презентирал наводно пресретнат руски документ со план за напади врз енергетската инфраструктура.

Документот, чие постоење и автентичност „Њујорк тајмс“ не успеал независно да ги потврди, наводно предвидува употреба на до 1.000 ракети, дронови и наведувани бомби за напади врз трафостаници, хидроелектрани, термоелектрани и топлани.

Според документот, меѓу целите се наведуваат и разводни постројки во близина на нуклеарни централи. Планот, според истите наводи, предвидува и напади врз пумпни станици и постројки за пречистување отпадни води.

Како главни цели во планот се наведуваат Киев, Харков и Одеса, со намера да се намали снабдувањето со електрична енергија и греење и да се наруши функционирањето на канализациските системи.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно јавно најави зимски напади врз украинската енергетика, претставувајќи ги како одговор на украинските напади врз руските рафинерии за нафта.

Украинските власти во изминатите месеци работат на заштита и обновување на енергетската инфраструктура. Поставени се заштитни конструкции над дел од трафостаниците, а се инсталираат и помали гасни турбини, кои според енергетските експерти потешко може да бидат погодени.

Украина вложила стотици милиони долари во поправки и обновување на енергетските објекти. Граѓаните, пак, набавуваат батерии и други уреди за основно функционирање во случај на прекини во снабдувањето.

Според енергетската аналитичарка Марија Цатуриан, неколку прецизни напади би можеле да уништат дел од капацитетите обновени во текот на изминатите месеци.

Во пресрет на зимата, украинските власти очекувале расположливиот капацитет да достигне повеќе од 21 гигават, што би било блиску до потребите во периодите на најголема потрошувачка.

Според пресретнатиот документ, рускиот план е поделен на три фази.

Првата предвидува напади врз трафостаниците долж западната граница преку кои Украина увезува електрична енергија од европската мрежа.

Втората фаза се однесува на хидроелектраните, додека третата предвидува напади врз нуклеарните електрани со цел нивно исклучување од електроенергетската мрежа.

Според проценките наведени во текстот на „Њујорк тајмс“, целта би била да се исфрлат од употреба речиси 15 гигавати производни капацитети.

Украинската енергетска мрежа веќе претрпе значителни оштетувања по повеќе од четири години војна. Во текот на минатата зима, жителите на Киев во повеќе наврати останувале без електрична енергија по повеќе часови дневно, а прекините во работата на пумпите влијаеле и врз водоснабдувањето во повисоките делови од зградите.

Би можело да ве интересира

Кремљ ги отфрли најновите предлози за мир во Украина

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Еден од најжестоките руски напади на Киев во последно време, Трамп најавува дека крајот е блиску

ВИДЕО: Виткоф му рече на Путин дека е хуманитарец

Рускиот дизел утре тргнува за Америка

НАТО стравува дека Трамп ќе ја принуди Украина на понижувачки мир со Русија

ВИДЕО: Руски дрон се заби директно во зграда во Киев, има жртви и повредени

Катерина Ѓуровски