Во руските воздушни напади врз Киев утрово загинале најмалку две лица, меѓу кои и едно дете, а повеќе лица се повредени. Нападите се случуваат во период на засилени руски воздушни удари врз украинската престолнина.
Според информациите од украинските власти, во нападот со ракети и дронови загинале две лица, а четири се повредени. Во одделен ноќен напад била повредена уште една личност, додека биле оштетени железнички депо, центри за податоци и образовна установа.
Russia launched a ballistic missiles attack on Kyiv last night. Russian drone attacks on Kyiv are almost 24/7.
According to monitoring channels, energy infrastructure was under attack.
A child was killed in Kyiv region, four more people injured. Private homes, civilian… pic.twitter.com/0ueqhUNH9Y
— Anton Gerashchenko (@Gerashchenko_en) September 30, 2026
Во Сумската област, на северот на Украина, три деца биле повредени во руски напад со наведувани бомби врз училиште. Децата во моментот на нападот се наоѓале во засолниште.
Украинската армија соопшти и за напредок во операцијата „Вивалди“, при што, според нејзините тврдења, биле ослободени три населени места и биле нанесени загуби од околу 2.000 руски војници. Украински воени извори, исто така, тврдат дека руските сили во близина на Купјанск користат цивили како „жив штит“ при повлекувањето.
Во меѓувреме, Украина добила нова пратка ракети за системите за противвоздушна одбрана NASAMS. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го потврди приемот, но посочи дека земјата и натаму се соочува со недостиг на залихи.
Зеленски најави и дека Белгија до крајот на 2026 година ќе испорача три борбени авиони Ф-16, додека од Белгија и Шпанија веќе пристигнале итни пратки муниција за овие авиони.
Русија планира рекордни воени издатоци за 2027 година, што укажува на продолжување на високото ниво на воено финансирање и во наредниот период.
Рускиот претседател Владимир Путин во меѓувреме потпиша нов указ со кој се зголемува бројот на припадници на руските вооружени сили. Тоа е четврто зголемување на бројот на војници во текот на годинава.
Путин, исто така, го ограничи објавувањето податоци за руските рафинерии и енергетскиот сектор поради честите украински напади врз енергетската инфраструктура.
Руската држава презеде контрола и врз имотот на германскиот трговски синџир „Метро АГ“ во Русија.
САД воведоа нови санкции против 13 лица и компании во Русија, Хонгконг, Кина и Пакистан, поради нивната наводна поврзаност со набавка на иранско оружје за Русија.
Украина, во меѓувреме, со повеќе од 50 сојузници потпиша декларација за враќање на украинските деца за кои Киев тврди дека биле однесени во Русија.
Норвешка најави 2,6 милиони долари за хуманитарни програми во Украина. Норвешкиот државен секретар Ејвинд Вад Петерсон изјави дека постапувањето со украинските деца, воените заробеници и цивилите во притвор во Русија претставува „системски предизвик“.
Во Хрватска во август бил приведен украинскиот нуркач Володимир Журављов, кого Германија го сомничи за поврзаност со експлозиите на гасоводите „Северен тек“ во 2022 година. Журављов во Хрватска побарал азил.
Во Украина внимание предизвикаа медиумски написи за соработници на Олег Татаров, заменик-шеф на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски. Според тие наводи, тие се стекнале со недвижности вредни околу еден милион долари преку спорни проекти.
Татаров во 2020 година беше обвинет за поткуп, но постапката беше прекината.
Според неодамнешна анкета, повеќе од 70 отсто од испитаниците во Украина сметаат дека претседателот Зеленски носи одговорност за корупцијата поврзана со неговите соработници.
