Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на трибината „За достоинствен живот и подобра иднина на сите генерации“, во организација на Општинската организација на СДСМ Аеродром, предупреди на алармантната состојбата со буџетската дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Филипче посочи дека дупката во Фондот за ПИОМ за две години е двојно зголемена и достигна една милијарда евра, со што власта ја става во ризик исплатата на пензиите, се наведува во соопштението од СДСМ.
„Дупката во Пензискиот фонд, која за две години е удвоена, од 500 милиони евра, сега е милијарда евра, недостигаат милијарда евра за да се исплатат пензиите. Ги нема во Пензискиот фонд. Треба да ги даде државата. Кога економијата не работи, од каде ќе ги најде парите? Од заеми“, рече Филипче.
Тој додаде дека и дефицитот во централниот буџет континуирано се продлабочува, а единствен извор за да може буџетот да ги сервисира обврските ќе бидат скапите задолжувања, со што власта свесно ја турка државата во уште подлабока економска криза.
„Единствен извор на средства се само скапи заеми, скапи заеми со кои ќе се пополнуваат дупките во буџетот, за да се дадат плати, за да се дадат пензии. Никако скапи заеми што ќе придонесат за некаков раст на економијата. И ние одиме сè повеќе и повеќе во дупка. Ризикуваме да завршиме со економска криза како Грција пред неколку децении. Тоа е неминовноста. И тоа го укажуваат економистите“, рече Филипче.
Во тој контекст, Филипче предупреди дека и изолационистичката политика на власта дополнително го зголемува ризикот за економијата бидејќи со оддалечувањето од европскиот пат ќе има сè помалку можности за европско финансирање.
„На сите европски престваници многу добро им е јасно што прави Христијан Мицкоски, дека ги лаже. Дека зад наводните изговори за Бугарија се кријат само нивните интереси, да не се случи ништо. Тоа не е изолирана работа, која се однесува само на напредокот на земјата. Тоа е директно поврзано со економската состојба во земјата. А ако кај нас ги снема европските пари, а постепено ги снемува, и уште помалку ќе ги има, и што ќе се случи? Ќе продолжи овој систем кој сега се случува, а тоа е дека сме доведени во ситуација единствен извор на средства да ни се само скапи заеми“, рече Филипче.
