Полска предупредува на руска ескалација, НАТО вели армијата и оружјето се подготвени

Од:

НАТО е подготвен да одговори на евентуална руска ескалација на источното крило на Алијансата, изјави претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Џузепе Каво Драгоне, по состанокот на највисоките воени команданти на 32-те земји членки во Копенхаген.

„Алијансата е подготвена, структурата е подготвена, војниците се подготвени, оружјето е подготвено“, изјави Каво Драгоне пред новинарите.

Тој додаде дека НАТО продолжува да ги зголемува своите капацитети и бројчено и технолошки, а има подготвено детални воени планови за различни сценарија – од ограничени безбедносни инциденти до директен напад.

Воениот комитет, највисокото воено тело на НАТО, на состанокот во Копенхаген разговараше за зајакнувањето на колективната одбрана, технолошкиот развој и натамошната поддршка за Украина.

Каво Драгоне рече дека НАТО има околу 4.000 страници детални регионални одбранбени планови.

„Подготвени сме во случај на ескалација. Во случај на напад знаеме што треба да направиме“, рече тој.

НАТО значително ги измени своите одбранбени планови по почетокот на руската инвазија врз Украина. На самитот во Вилнус во 2023 година беа усвоени три големи регионални планови – за северниот Атлантик, за Балтикот и централна Европа и за јужното крило, вклучително и Црното Море и Медитеранот.

Алијансата истовремено го засили военото присуство во источна Европа. Мултинационални борбени групи се распоредени од Балтикот до Бугарија, со можност за нивно брзо зајакнување со дополнителни сили во случај на криза.

Изјавата на Каво Драгоне доаѓа два дена по предупредувањето на полскиот премиер Доналд Туск.

Туск, повикувајќи се на разузнавачки проценки, изјави пред полскиот парламент дека постои опасност Русија во наредните месеци да изврши напади со дронови или ракети врз земји членки на НАТО кои ја поддржуваат Украина, меѓу кои и Полска.

Според Туск, можно е Москва евентуалните напади да ги претстави како „случајни“, со цел да ја тестира подготвеноста на сојузниците за реакција и да ја поткопа веродостојноста на членот 5 од договорот на НАТО за колективна одбрана.

„Постои реален ризик дронови или други видови ракети да навлезат на територијата на една или повеќе земји од источното крило и дури да предизвикаат материјална штета“, рече Туск.

Предупредувањата следуваат по неколку безбедносни инциденти во подрачјето на НАТО.

Италијански борбени авиони, кои учествуваат во мисијата на НАТО, оваа недела соборија дрон кој од Белорусија влегол во воздушниот простор на Литванија. На остатоците од дронот била пронајдена експлозивна направа. Литванските власти сè уште го истражуваат неговото потекло и намената.

Речиси истовремено, руска фрегата истрелала две сигнални ракети кон дански воен хеликоптер кој ја надгледувал во меѓународни води во Балтичкото Море. Една од ракетите поминала на мала оддалеченост од хеликоптерот, соопшти данската војска. Русија, пак, ја обвини данската страна за опасни маневри.

Европските земји во последните месеци ја обвинуваат Русија и за низа саботажи, сајбернапади и други хибридни активности. Москва ги отфрла ваквите обвинувања.

Каво Драгоне го опиша руското однесување во последните недели и месеци како обид за тестирање на решителноста на НАТО.

„Сакам да бидам јасен – овие обиди не нè разделуваат. Тие ги усовршуваат нашите алатки, нè прават многу пообединети и порешителни“, рече тој.

НАТО наведува дека зајакнувањето на силите на источното крило има одбранбена и одвраќачка цел. Според Алијансата, регионалните планови се изработени за во случај на криза однапред да биде утврдено кои сили, опрема и командни структури треба да ги бранат одделните земји членки.

Би можело да ве интересира

Медведев одговори на новите санкции од Трамп

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Путин има порака за Европа: Оставете не да живееме мирно, инаку ќе реагираме

ВИДЕО: Трамп го потпиша законот за новите санкции за Русија

Полскиот премиер изнесе досега непозната бројка за украинските загуби: „Ова се рекорди“

(ВИДЕО) Фицо: Нема да војуваме поради некаков „член 5“

ВИДЕО: Напади врз воен аеродром и рафинерија во Русија

Катерина Ѓуровски