Цената на дизелот во Германија достигна ново рекордно ниво. Просечната цена за литар вчера изнесувала 2,471 евро, со што е надминат претходниот рекорд од 2,453 евра, поставен само еден ден претходно.
Полнењето резервоар од 50 литри сега чини 123,55 евра. Во исто време, бензинот минимално поевтинел – од 2,314 на 2,308 евра за литар.
Како причина за растот на цените се наведува воената ескалација на Блискиот Исток и во Персискиот Залив, која предизвика раст на цените на суровата нафта. Дополнителен проблем претставуваат дефектите и оштетувањата на енергетските постројки.
Од германскиот авто-клуб АDAC проценуваат дека цената на нафтата и курсот на еврото само делумно ги објаснуваат исклучително високите цени на бензинските пумпи во Германија.
Новите рекордни цени создаваат притисок врз германската сојузна влада. Канцеларот Фридрих Мерц најави брзи мерки за помош, но во владејачката коалиција сè уште нема договор за нивната форма.
Генералната секретарка на ЦДУ, Франциска Хоперман, во четвртокот вечерта во емисијата „Мајбрит Илнер“ за првпат изнесе конкретни бројки. Таа изјави дека намалување на цената за 21, 23 или 25 центи за литар би било значително за граѓаните.
За ова прашање се очекува да се разговара на почетокот на октомври.
Партиите од Унијата предлагаат намалување на данокот на енергија или ДДВ-то за горивата. Од друга страна, министерот за финансии Ларс Клингбајл од СПД се залага за воведување европски данок на екстрапрофитот на нафтените компании. Конечен договор сè уште нема.
Возачите кои сакаат да заштедат треба да внимаваат на времето кога точат гориво. Од 1 април бензинските пумпи смеат да ги зголемат цените само еднаш дневно, во 12 часот, додека во текот на денот можат повеќепати да ги намалуваат.
Според АDAC, бензинот и дизелот вообичаено се најевтини во часовите пред пладне. Точно напладне цените значително се зголемуваат, а потоа постепено се намалуваат во текот на денот.
Се препорачува и споредување на цените, бидејќи тие може значително да се разликуваат меѓу бензинските пумпи во истото подрачје. Горивото најчесто е поскапо на пумпите покрај автопатите, па и кратко свртување од трасата може да донесе заштеда.
