ВИДЕО: Американскиот конгрес усвои закон за нови санкции кон Русија

Од:

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес вчера со 262 гласа „за“ и 159 „против“ го усвои законот за санкции и царини, со кој се предвидува зголемување на економскиот притисок врз Русија поради инвазијата врз Украина. Законот сега е упатен кај претседателот Доналд Трамп на потпис.

Законот го носи името „Lindsey O. Graham Sanctioning Russia and Iran Act of 2026“, во чест на покојниот републикански сенатор од Јужна Каролина, кој го предложи пред околу година и пол.

При гласањето, десетици демократи отстапија од ставот на раководството на својата партија и им се приклучија на мнозинството републиканци во поддршка на законот.

Мерките се насочени кон руската енергетска и одбранбена индустрија, како и кон руската „флота во сенка“ од танкери што ги заобиколуваат постојните санкции.

Законот, сепак, наиде и на противење бидејќи му дава овластување на Трамп да воведува високи царини за Кина, Индија и други земји со цел да ја намалат зависноста од руската нафта и гас, како и да ги проширува санкциите против Иран.

На Трамп му требаше повеќе од една година да дозволи гласање

На законот жестоко му се спротивставуваа откако Греам и десетици други сенатори го претставија во април 2025 година.

Трамп дури во јули 2026 година, неколку дена пред смртта на Греам на 11 јули, им дозволи на републиканските лидери во Конгресот да закажат гласање.

Законот на Греам минатиот месец беше усвоен и во Сенатот со 86 гласа „за“ и 11 „против“, со силна двопартиска поддршка. Тоа следуваше по средбата на украинскиот претседател Володимир Зеленски со американските пратеници, на кои им се обрати со повик за усвојување на законот.

Зеленски и оваа недела повторно ја изрази поддршката за законот, оценувајќи дека е „важно тој да стане закон“.

Демократите се противат на новите овластувања за царини

Демократите во Претставничкиот дом се спротивставија на законот, тврдејќи дека тој му дава премногу нови овластувања на Трамп за воведување царини, кои би можел да ги искористи и против американските сојузници.

Тие сметаат дека Трамп веќе ги има потребните овластувања за воведување санкции против Русија, но одлучил да не ги користи.

Демократите, исто така, тврдат дека законот му овозможува на Трамп полесно да избегнува воведување санкции со образложение дека нивната примена не е во национален интерес.

Лидерот на демократите во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис, во говорот во средата изјави дека законот содржи премногу дупки за да се гарантира примена на санкциите што би ѝ наштетиле на Русија, а истовремено ги проширува овластувањата на Трамп за воведување царини.

Републиканците стравуваат од последиците од царините

Дел од републиканците изразија загриженост за политичките последици од дополнителните царини и можното зголемување на потрошувачките цени пред конгресните избори во ноември.

Поддржувачите на законот велат дека тој ќе испрати важна порака до Русија и светот дека Вашингтон продолжува да ја поддржува Украина.

„Немате многу вакви гласања во Конгресот што влијаат врз глобалните геополитички конфликти“, изјави за време на расправата републиканскиот пратеник Мајкл Мекол од Тексас, еден од главните предлагачи на законот.

„Овој закон директно ќе влијае врз конфликтот што ѝ се заканува на Источна Европа и на самиот НАТО, а може да доведе до негово завршување и да го доведе (рускиот претседател Владимир) Путин на преговарачка маса“, додаде тој.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Напади врз воен аеродром и рафинерија во Русија

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Како изгледаат изборите за руската Дума на окупираните територии во Украина

Уништено складиште на фондацијата на Олена Зеленска во руски напад врз Киев

ВИДЕО: Рекордни цени на дизелот во САД, Трамп го обвини Зеленски

Фон дер Лајен предупредува: „Русија нè тестира“

Лавров: Да не се повлечеа Американците, ќе живеевме во мир веќе една година