Таен обид за мировни преговори меѓу Русија, Украина и САД во 2023 : Путин прифатил дел од планот, Зеленски одбил територијални отстапки

Од:

„Фајненшл тајмс“ објави детали за малку позната иницијатива за мировни преговори меѓу Русија, Украина и САД, која се одвивала во јануари и февруари 2023 година. Во центарот на иницијативата бил неофицијален комуникациски канал, воспоставен со цел да се најде решение за војната, речиси една година по почетокот на руската инвазија.

Американскиот адвокат Ричард Кон ја покренал иницијативата откако неименуван контакт од Москва, неколку недели по инвазијата, го предупредил дека Русија ја смета војната за егзистенцијална закана и дека е подготвена да употреби нуклеарно оружје.

„Ова за нас е егзистенцијална закана. Знаеме дека Соединетите Американски Држави се обидуваат да нè уништат“, му рекол соговорникот на Кон, додавајќи дека Владимир Путин е подготвен да употреби тактичко нуклеарно оружје.

„Безглаво одите кон Трета светска војна“, предупредил тој.

Со помош на Ерик Грин, директор за Русија во американскиот Совет за национална безбедност, американскиот банкар Боб Форесман и Матијас Варниг, поранешен источно германски разузнавач и близок соработник на Путин, Кон воспоставил комуникациски канал со рускиот претседател. Каналот го нарекле „Платформа“.

За евентуалниот мировен договор бил потребен и контакт со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Форесман преку американскиот инвеститор Мајкл Калви стапил во контакт со Олександр Родњански, украински филмски продуцент кој учествувал во организацијата на мировните преговори во Истанбул во 2022 година.

На почетокот на јануари 2023 година, групата се состанала на Гран Канарија за да ја утврди рамката на мировниот предлог.

Планот предвидувал Русија да се повлече од поголемиот дел од териториите што неодамна ги анектираше, а линијата на разграничување да биде воспоставена според состојбата пред инвазијата во февруари 2022 година.

Украина би ја признала руската контрола врз Крим и би обезбедила слободен премин преку копнениот коридор до полуостровот. За возврат, Украина би добила безбедносни гаранции од земјите членки на НАТО, додека Русија би започнала преговори со САД за посебен безбедносен договор.

Варниг и Родњански го однеле нацрт-документот во Москва и Киев. Варниг подоцна ја известил групата дека Путин детално го проучил предлогот и се согласил со предложената линија на разграничување.

Според неговите зборови, рускиот претседател не можел да прифати членство на Украина во НАТО, но бил отворен за нејзино членство во Европската Унија и за поинаков безбедносен аранжман, сличен на оној за кој се разговарало во Истанбул.

„Ако можеме да се договориме за границата и НАТО, тогаш можеме да разговараме за сè друго“, му ги пренел Варниг зборовите на Путин.

Од друга страна, украинските воени успеси на теренот ја промениле ситуацијата. Родњански изјавил дека Зеленски и шефот на неговиот кабинет, Андриј Јермак, само ги погледнале документите на неговиот телефон.

Тие му порачале дека нема да прифатат никакви територијални отстапки и дека веруваат оти поголемиот дел од планот можат да го остварат без откажување од територија.

Родњански, кој сметал дека САД треба да извршат притисок врз Украина за да го прифати договорот, го споредил нивниот став со верувањето дека руската војска ќе се распадне како војската на Саурон на крајот од „Господарот на прстените“.

Според него, Украинците се насмеале и се согласиле со споредбата.

Кабинетот на украинскиот претседател и Јермак не одговориле на барањето за коментар.

Надежите за постигнување мировен договор до првата годишнина од почетокот на војната набрзо пропаднале.

Путин го информирал својот советник за надворешна политика Јуриј Ушаков и уште тројца функционери за постоењето на комуникацискиот канал. На Ушаков му наредил во разговор со американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан да го провери мандатот на американските посредници.

Според зборовите на Путин што ги пренел Варниг, Саливан му рекол на Ушаков дека САД не го одобриле неофицијалниот канал и дека постојните официјални канали за комуникација се доволни.

Кога Варниг на следната средба го информирал Путин за развојот на настаните, рускиот претседател го прекинал. Му рекол дека Саливан повторно разговарал со Ушаков и јасно порачал дека САД не гледаат потреба од нивниот канал.

Набргу потоа, Украина го ставила Варниг на листата на санкционирани лица. Без официјална американска поддршка, каналот ја изгубил својата важност.

Учесниците во „Платформа“ сметаат дека САД и Украина пропуштиле можност за постигнување мир под значително поповолни услови од оние што Русија ги нуди денес.

Кон смета дека САД и Украина требало да ја проверат подготвеноста на Путин за компромис.

Сепак, поранешни американски функционери изјавиле за „Фајненшл тајмс“ дека Ушаков никогаш не го споменал каналот на Варниг. Тоа отвора можност иницијативата да ја саботирал токму Ушаков, а не Саливан, во рамките на внатрешната борба за влијание во Кремљ.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, и самиот Ушаков не одговориле на барањата за коментар.

Поранешни американски функционери велат дека „Платформа“ ја сметале само за еден од изворите на нејасни информации за намерите на Путин.

Ерик Грин, еден од учесниците во иницијативата, негира дека во тој период немало сериозни разговори со Русија.

„Постои перцепција дека немавме никаква комуникација со Русите, но тоа не е точно. Ако Путин навистина беше заинтересиран за нешто вакво, неговите луѓе можеа да ни го пренесат тоа на многу различни начини“, изјавил Грин.

Тој додава дека е невообичаено Путин, доколку навистина бил заинтересиран за договор, да се обидува да го постигне тоа „преку поранешен источно германски шпион кој разговара со адвокат од Њујорк“.

Поранешните американски функционери заклучиле дека Путин немал сериозна намера да постигне мир.

Матијас Варниг има спротивен став и тврди дека рускиот претседател секогаш бил отворен за разумен договор.

„Тој се согласи во Истанбул, се согласи со проектот на Ричард и се согласи со американскиот предлог на Алјаска“, изјавил Варниг.

„Имав чувство дека мојот пријател го сфати тоа многу сериозно, бидејќи веднаш добив средби и пристап“, додал тој.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Русија го нападна Киев со балистички ракети, една жртва

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Масакар во Дњепар: Русите погодија железничка станица, најмалку 13 мртви

Русија: Ќе разговараме за прекин на огнот само со Украина и САД, но не и со Европа

ВИДЕО: Украинците испратија над 600 дронови на Москва

ВИДЕО: Масовен руски напад врз Киев, погодени студентски дом, продавници, метро, ​​болница

Катерина Ѓуровски

Русија подготвена да им испорача на САД неограничени количества дизел, три танкери веќе пловат кон Северна Америка