Левица предлага зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк, укинување на доходовниот цензус и проширување на правото на вонредните студенти.
Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, на денешната прес-конференција ги најави предлог-измените на Законот за субвенциониран студентски оброк, со кои партијата бара износот на оброкот да се утврдува како 1% од минималната плата, наместо да биде фиксен и да зависи од годишни законски измени.
Исмаил посочи дека студентскиот оброк е дел од студентскиот стандард, но оцени дека постојниот модел има сериозни ограничувања. Според него, сегашниот износ од 140 денари, кој согласно Законот треба да се усогласува со инфлаторните движења пред донесувањето на Буџетот, останал непроменет од 2023 година.
„Со предложеното врзување на износот со минималната плата, средствата за студентски оброк автоматски би се менувале со движењето на минималната плата и повеќе не би зависеле од одлуката на министерот“, истакна Исмаил.
Покрај зголемувањето на износот, Левица предлага и укинување на доходовниот цензус, со што правото на субвенциониран оброк би го имале и студентите кои остваруваат минимален приход.
Втората измена се однесува на проширување на правото и на вонредните студенти.
„Вонредните студенти не се ништо помалку студенти од редовните. И тие јадат како и редовните студенти“, рече Исмаил.
Партијата предлага и студентскиот оброк да може да се користи секој ден, вклучително и во недела и за време на празници. Според сегашното решение, за неработните денови не се исплаќаат средства.
Исмаил посочи дека ова не е крајната цел на Левица во однос на студентската исхрана. Според него, студентскиот оброк треба да прерасне во вистинска јавна услуга, наместо да функционира преку комерцијални угостителски објекти.
Како дополнителен проблем, пратеникот го посочи и намалувањето на средствата за студентски стандард во Буџетот за 2026 година.
Според Исмаил, буџетската ставка од која се обезбедуваат и средствата за студентски оброк е намалена за повеќе од 20 проценти во однос на 2025 година.
Тој оцени дека тоа е спротивно на тврдењата дека студентските права и стандард се прошируваат и унапредуваат.
