Човекот кој ја уби својата сопруга, мајка на шест деца, во Слатина (Хрватска) пред очите на своите деца, додека едно од нив славеше роденден, изврши самоубиство во затворот во Загреб.
„Во саботата, на 12 септември 2026 година, околу 15:30 часот, притвореникот М.П. извршил самоубиство во затворот во Загреб. За инцидентот се известени сите надлежни служби. Во тек е полициска истрага од страна на надлежната полициска станица, како и други дејствија насочени кон утврдување на сите околности“, соопшти Министерството за правда на Хрватска.
Убиството на неговата сопруга, која според информациите, физички и психички ја малтретирал со години, се случи на 8 септември, околу 22 часот, во Слатина, соопшти тогаш Полициската управа на Вировитица-Подравина.
Четириесетгодишникот ја уби жена си со остар предмет и беше фатен на самото место, по што веднаш беше уапсен и приведен во службените простории заради криминалистичка истрага.
