ХЕРА до Министерството за образование: Ќе ги тргнете часовите, но не и силувањата, уцените, ХИВ и раните бремености

Од:

Аосицијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА изразува сериозна загриженост по информацијата дека Министерството за образование и наука ја повлекува програмата и изборниот предмет „Сексуално образование“ од средното образование и најавува негова „длабока ревизија по барање на јавноста“.

Од организацијата предупредуваат дека ваквата одлука доаѓа во период кога податоците за сексуалното насилство, злоупотребата и здравјето на младите се алармантни и оценуваат дека образовните програми треба да одговараат на реалните ризици со кои се соочуваат децата и младите.

„Ако има нешто од што треба да се плашиме, тоа не е ССО, туку сè почестите случаи на вознемирување, сексуално насилство, малтретирање и силување кај младите извршено од малолетници, како во училиштата, така и во јавните простори“, велат од ХЕРА.

Според податоците што ги посочуваат од организацијата, 10 отсто од децата на возраст од 12 до 17 години во Северна Македонија, или речиси 12.000 деца, во период од една година биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија.

Осум отсто од децата биле изложени на сексуални слики, пет отсто добиле несакани барања за интимни фотографии или видеа, а четири отсто биле уценувани дека нивни интимни содржини ќе бидат распространети. Кај три отсто од децата такви содржини веќе биле споделени без нивна согласност.

Во 78 отсто од случаите сторителот бил лице што детето го познава, додека 52 отсто од случаите на сексуална експлоатација се случиле преку социјалните мрежи и платформите Instagram, Snapchat, TikTok и WhatsApp. Наспроти овие бројки, само 19 отсто од анкетираните деца изјавиле дека добиле некаков вид сексуално образование.

ХЕРА посочува и на податоците за сексуалното и репродуктивното здравје на младите. Во 2024 година, 588 деца биле родени од мајки на возраст меѓу 15 и 19 години, а во период од само еден месец биле регистрирани 11 нови случаи на ХИВ.

Според организацијата, повлекувањето на сексуалното образование значи отстранување на една од ретките системски алатки преку кои младите можат да научат како да препознаат ризик и злоупотреба, да постават лични граници, да побараат помош и да се заштитат.

„ССО не е закана за децата, туку е системски одговор на заканите со кои тие веќе се соочуваат: сексуалното и врсничкото насилство, уцените, споделувањето интимни фотографии без согласност, токсичните врски, непланираните бремености, ХИВ и дезинформациите од интернет“, наведуваат од ХЕРА.

Оттаму додаваат дека сексуалното образование ги учи младите што значи согласност, како се поставуваат граници, како се препознава злоупотреба, како се градат здрави односи и каде може да се побара помош.

Како аргумент ја посочуваат и меѓународната студија „Disrupting Harm“, спроведена од UNICEF, INTERPOL и ECPAT International, која препорачува во училишните програми да се интегрира образование соодветно на возраста за односите, личните граници и согласноста.

Од ХЕРА бараат науката и доказите да бидат основа за следните одлуки во образовната политика и предупредуваат дека повлекувањето на предметот нема да ги отстрани ризиците со кои младите се соочуваат.

„Повлекувањето на ССО нема да ги тргне ризиците, социјалните мрежи, насилниците, раните бремености, ХИВ или злоупотребата. Ќе го тргне само знаењето, правејќи ги младите уште поранливи“, порачуваат од ХЕРА.

Според организацијата, образовната политика не треба да се води од страв, притисок и дезинформации, туку од докази и од потребата за поголема превенција и заштита на младите.

Би можело да ве интересира

Јаневска: Изборниот предмет Сеопфатно сексуално образование го повлекуваме и ќе направиме длабока ревизија по барање на јавноста

Јаневска за затворањето училишта: Ова се болни реформи, но во моментов сме во критична ситуација

Левица: Јаневска им вели на шестгодишни деца да бараат братче и сестриче за да ја решат демографската криза во која ДПМНЕ ја доведе Македонија

Јаневска: Верувајте во себе и секој ден учете – знаењето никој не може да ви го одземе

Горан Наумовски

Затворени се 26 рурални училишта, во основно образование има 200, а во средно 100 паралелки помалку

Катерина Ѓуровски

Левица: Јаневска тврди дека го покачила студентскиот оброк, а студентите и натаму добиваат 140 денари