Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната седница ја обвини министерката за образование и наука Весна Јаневска за, погубните последици од политиката на оптимизација во образованието.
Лукаревска посочи дека учебната година започнала со над 3.000 првачиња помалку, 26 затворени училишта и 433 паралелки помалку, а околу 250 деца, од кои најголем број првачиња, останале без потребните образовни асистенти.
Таа ја критикуваше и состојбата со наставниците, од кои околу 5.000 се прогласени за вишок, како и проблемите со превозот на средношколците и недостигот од целодневна настава во дел од училиштата.
Лукаревска се осврна и на изјавите на Јаневска дека децата можат да учат англиски од серии без учебници, дека првачињата треба да бараат „братче и сестриче“, како и на ставот дека затворените подрачни училишта би можеле да се пренаменат во старски домови.
Дополнително, пратеничката посочи и на слабите резултати на учениците на ПИСА, оценувајќи дека состојбите во образованието се алармантни, а побара од Јаневска да одговори дали и натаму стои зад нејзината изјава дека затворените подрачни училишта можат да се пренаменат во старски домови.
Во продолжение интегрален текст од прашањето на Лукаревска до Јаневска :
Навистина се издвојувате со Вашите изјави, кои предизвикуваат бурни реакции. Имавте една интересна изјава уште на самиот почеток кога станавте министер ,, Децата учат англиски од серии, и не им требаат учебници ,,. Сега на 1 септември на стартот на учебната година , на најмалите , првачињата им порачавте ,освен тоа што треба да бараат знаење, треба да бараат од своите родители ,братче и сестриче . И тука ја кренавте јавноста на нозе, без исклучок. Не внимавајќи на фактот дека не секое семејство е семејство од сликовница и дека не секое дете живее како од бајките и дека не сите родители имаат можност да си дозволат уште едно братче или сестриче. Но онаа изјава која ми остави впечаток , иако од лани , сепак оригинална изјава со која ги оправдавте Вашите погубни политики на оптимизација и ред друго, таа гласи вака, цитирам – ,, Одреден број училишта се затворени. Не ме фаќајте за збор, мислам дека околу стотина училишта подрачни веќе се затворени. Некои без да го почнеме ние процесот затоа што таму нема веќе деца. Стојат така зградите. Им препорачувам на градоначалниците да им најдат нова употреба, од нас нема да имаат никаков проблем. Оти не е ни за градинка, нема деца, но можат нешто друго… не знам, можеби старски дом, можеби некаков клуб и така натаму. Ваша изјава од 20 јули 2025 година.
Стартот на 1 септември е со следнава статистика, над 3.000 првачиња помалку, 26 затворени училишта, 433 паралелки помалку. Околу 250 деца од кои најголем број првачиња на 1-ви септември се без образовните асистенти што им се потребни. Трета година по ред, Вие како министер дозволувате учебната година да започне без навремено обезбедена образовна поддршка за децата со попреченост. Со Вашата погубна оптимизација, 5000 наставници се вишок, одреден број ќе се трансформираат во образовни асистенти, што ќе биде со другите, прашање на кое упорно не давате одговор. Нити ги знаеме критериумите, не верувам и дека ќе ги дознаеме.
Поплаки од родителите дека ќе ги напуштат руралните средини, нивните живеалишта, токму заради оптимизацијата . Има наставници со намален број на часови, има и наставници со истечени договори на дело, и истите не се продолжени. Наместо да размислуваат и да очекуваат повисоки плати, тие стравуваат како да го задржат своето работно место. Учениците од светиниколско и кочанско кои се запишани во средните училишта во Штип , ДСУ ,, Коле Нехтенин,, и СОУ ,, Јане Сандански ,, немаат обезбеден превоз и се снаоѓаат сами.
Уште еден алармантен податок, само една третина од учениците покажале основно ниво на познавање во математика и читање на ПИСА, или ,, Децата читаат помалку и знаат помалку .,, – со Ваша желба дека подобри резултати ќе имаме дури за 10 години, така изјавивте. Некаде излезе вест дека нема целодневна настава за првачињата во ,, Вера Јоциќ,, во Г.Баба зашто како министерство не сте дале согласности за вработување. За Киро Глигоров во Центар веќе споменав , бидејќи Вие знаете што направивте, Вие носите навремени решенија за затворање на училишта, а за реконструкција не можете да го предвидите точното време. Искрено ова отвара сомнеж. Имам многу за набројување , не немам доволно време. Па после сите овие бисери, моето конкретно прашање до Вас е дали сеуште стоите зад Вашата изјава дека училиштата кои ги затворивте и допрва ќе ги затворате ќе станат старски домови?
