Десетта недела по ред расте цената на бакарот на светските берзи, додека глобалната понуда на металот се намалува. Во такви услови, државите забрзано бараат начини да обезбедат нови извори на бакар и да привлечат инвестиции во рударството.
Новите активности се забележуваат и во непосредното соседство. Грција, Бугарија и Романија очекуваат нова експлоатација на бакарен концентрат, а Турција веќе започна со ископ на нови количества и најавува производство од околу 40 илјади тони бакар годишно.
Овој развој отвора и прашање за Македонија – земја која располага со сопствени ресурси, но во моментов има само еден активен нов инвестициски проект во бакарот.
Станува збор за Иловица, каде што според проектните проекции се планира експлоатација на околу 10 милиони тони руда годишно и производство од над 10 илјади тони бакар годишно.
Проектот е предвиден да има животен век од околу 23 години, а инвеститорот проценува дека би можел да се позиционира меѓу топ-3 извозници во Македонија, со годишен извоз од над 200 милиони евра.
Потенцијалот на бакарот не е само во извозот. Отворањето нови производствени капацитети значи и нови инвестиции, работни места и дополнителна економска активност.
Во моментов, единствениот активен производител на бакар во земјава е Бучим-Боров Дол, со годишно производство од околу 8 илјади тони.
Додека светот се подготвува за период во кој бакарот ќе има сè поголемо стратешко значење, Македонија се соочува со избор: ќе го искористи ли својот потенцијал или повторно ќе остане само набљудувач на регионалните инвестиции?
Од друга страна, последниот пример од Турција покажува дека постоечки рудни наоѓалишта веќе ги испитуваат потенцијалите конкретно за бакар. „АЦГ Металс“ го произведе својот прв бакарен концентрат од рудникот Гедиктепе, со што официјално е ставен крај на ископот на скапоцени метали и цинк. Компанијата соопшти дека целта е годишно производство од 40.000 тони бакар. Во рудникот некогаш се ископувале злато, сребро и цинк, а сега производството се преориентира на бакар, бидејќи вештачката интелигенција, електрификацијата и другите технологии ја зголемуваат побарувачката за црвениот метал.
„Производството на нашиот прв бакарен концентрат го означува преминот на АЦГ во производител на бакар што е одлучувачка пресвртница за компанијата.
Нашиот приоритет сега е дисциплинирано зголемување на производството, обезбедување конзистентен квалитет на концентратот и напредување кон производство во стабилна состојба“, соопштија од раководството на рудникот.
Минатата недела на Лондонската берза на метали беше регистриран последователен раст на цената на бакарот, веќе десетта недела по ред. Цената достигна 14.304 долари за тон.
Аналитичарот на финансиската куќа Citigroup Inc., Том Малквин, прогнозира цена од 15.000 долари за тон до крајот на годината, со потенцијал да достигне околу 17.000 долари. Според него, вториот случај ќе биде можен ако производството стагнира, а побарувачката за бакар поради енергетската транзиција, центрите за податоци или стратешкото складирање се покаже како посилна од очекуваното.
Низа разочарувања ги поткопаа очекувањата дека глобалната понуда на рудниците ќе забележи барем скромен раст оваа година. Податоците на Меѓународната група за студии за бакар (ISCG) покажуваат дека производството се намалило за 1,1% во првата половина, при што главните производители забележале двоцифрен пад. Влошувањето на квалитетот на рудата, неуспесите во проектите и екстремните временски услови ја зголемуваат загриженоста за тоа дали понудата може да го одржи чекорот со побарувачката, бидејќи електрификацијата добива на интензитет во наредните години.
